Достапни линкови

Демократите ја проширија контролата во двата дома на Конгресот


Барак Обама е избран за нов претседател на Соединетите држави. Со тоа тој стана првиот афроамериканец кој победил на американските претседателски избори досега. Демократот од Илиноис убедливо го порази неговиот ривал републиканецот од Аризона Џон Мекејн кој веднаш му ја честита победата. Според проекциите, Обама освоил скоро триста и четириесет електорски гласови, додека Мекејн сто пеесет и шест. Изборните резулатите покажуваат дека демократите ја проширија контролата и во двата дома на американскиот Конгрес.

,,Промената дојде во Америка,, им порача идниот претседател на Соедините држави Барак Обама на своите приврзаници на победничката церемонија што се одржа пред неговиот изборен штаб во Чикаго. Најавувајќи драматични промени за земјата Обама ги повика американците да се обединат пред предизвиците.

„Патот пред нас ќе биде долг. Нашето искачување ќе биде стрмно. Можеби нема да стигнеме таму за една година, или за еден мандат, но Америко, никогаш не сум бил поисполнет со надеж како оваа вечер дека ќе стигнеме таму. Ви го ветувам тоа.“

Изјави Обама, кој не пропушти да му оддаде признание на неговиот ривал, републиканецот Џон Мекејн за она што го постигна на изборите и за неговата пожртвуваност за земјата. Претходно Мекејн во Феникс го призна поразот и му честита на Обама за неговата изборна победа.

„Сенаторот Обама и јас дискутиравме за нашите разлики и тој победи. Многу од тие разлики остануваат. Ова се тешки времиња за нашата земја и јас вечерва му ветувам дека ќе сторам се што е во моја моќ да му помогнам да не води низ предизвиците со кои ќе се соочиме.“

Изјави Мекејн по тешкиот пораз од Обама кој освои многу повеќе од потребните двесте и седумдесет електорски гласови за да стане историја како прв афроамериканец кој ќе влезе во Белата куќа. Барак Обама ќе биде инаугуриран за четириесет и четвртти американски претседател на дваесетти јануари догодина. Со оглед на тоа што тој има четириесет и четири години ќе биде еден од најмладите шефови на Белата куќа. Роден е на Хаваите, а син е на кениец и на бела американка. Завршил политички науки на Универзитетот Колумбија во Њујорк, а докторирал на Харвард. Кариерата ја почнал во Чикаго работејќи за хуманитарни организации во сиромашните црнечки квартови во тој град. Во две илјади и четвртата година беше избран за сенатор, а на пошироката американска јавност и стана познат по говорот на националната изборна конвенција на неговата Демократска партија во Бостон во истата таа година.

„Нема либерална и конзервативна Америка. Постојат Соединетите американски држави. Нема црна Америка, бела Америка и азиска Америка. Постојат Соединетите американски држави. Некои сакаат да не делат на црвени и сини држави според партиската припадност. Имам вест за нив. Постојат патриоти кои се против војната во Ирак и постојат патриоти кои ја поддржуваат таа војна. Ние сме еден народ и сите ја браниме нашата држава.“

Изјави Обама во говорот што се смета за ѕвездена пресвртница во неговата кариера од непознат државен сенатор во моќен национален политичар. Една година потоа магазинот Тајм го стави на листата на сто највлијателни луѓе во светот. На вчерашните избори неговиот успех е дополнет и со проширувањето на контролата на демократите во двата дома на Конгресот. Во Сенатот веќе имаат пеесет и шест места додека во Претставничкиот дом предноста ја зголемија со уште дваесет и пет пратеници. Големата победа на Обама веќе му ја честита претседателот во заминување Џорџ Буш, но и повеќето шефови на држави и влади во светот. Меѓу првите и претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо кој во честитката ја нагласува потребата од здружување на силите меѓу Европа и Америка во изнаоѓање нов договор за справување со сегашната криза во светот.
XS
SM
MD
LG