Достапни линкови

Брисел: ЕК треба да го објави извештајот за Македонија


Европската комисија денеска треба да го објави извештајот за напредокот на Република Македонија во процесот на евроинтеграција во 2008 година. Според најавите од Брисел, се очекува во извештајот да биде нотирано дека Македонија има направено прогрес особено во економскиот дел, борбата против корупцијата и визната либерализација, но се уште не ги исполнува политичките критериуми. Во извештајот ќе нема препорака за датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Генерално, ЕК ќе констатира прогрес во економските, судските, полициските реформи, во борбата против корупцијата, имплементацијата на Охридскиот договор и други области, но и сериозни забелешки за исполнувањето на политичките критериуми. Критиките се насочени пред се кон инцидентите на предвремените парламентарни избори, недостигот од конструктивен политички дијалог меѓу главните политички партии и актери и бојкотот на Собранието од страна на некои опозициски партии. ЕК ќе укаже на потребата да се воспостави подобар и одржлив политички дијалог. Околу спорот за името, стои само оценката дека „треба да се избегнуваат акции кои имаат негативно влијание на добрососедските односи и дека треба да се интензивираат напорите да се најде договорено и заедничко прифатливо решение под медијаторството на ОН“. Натамошниот напредок на земјата кон ЕУ ќе биде можен кога ќе се исполнат Копенхашките критериуми и кога ќе се одговори на клучните приоритети од Пристапното партнерство. Пред се, потребно е земјата да осигура слободни и фер избори и да се подобри дијалогот меѓу главните политички партии и актери за да се дозволи нормално функционирање на институциите и забрзување на темпото на реформите, ќе укаже ЕК во извештајот за Република Македонија.Шефот на Делегацијата на Европската комисија во Македонија Ерван Фуере на претседателот на Македонија Бранко Црвенковски ќе му го презентира Извештајот, а подоцна тоа ќе го стори и на прес-конференција.
XS
SM
MD
LG