Достапни линкови

logo-print

Обама или Мек Кејн?


Американците денеска на избори решаваат кој ќе биде иден претседател на Соединетите Држави. Скоро сите анкети покажуваат дека тоа ќе биде демократот Барак Обама пред републиканецот Џон Мекејн. Избирачите денеска гласаат и за сите четиристотини триесет и пет членови на Претставничкиот дом, како и за триесет и пет сенатори. И тука, според анкетите, би требало да победат демократите.

Избирачите во Соединетите држави денеска ќе решат за тоа дали новиот четириесет и четврти американски претседател ќе биде кандидатот на Демократската партија Барак Обама или пак кандидатот на Републиканската партија Џон Мекејн. Станува збор за пеесет и шестите претседателски избори кои повеќето посматрачи веќе ги оценија како историски. Последните избирачки места ќе бидат затворени во седум часот по средноевропско време во Аљаска и на Хаваите, а првите во еден часот по полноќ во државите од источниот американски брег. Тогаш всушност и ќе се знаат првичните резултати. Победникот треба да освои најмалку двесте и седумдесет од петстотини триесет и осумте електорски гласови што треба да ги дадат пеесете сојузни држави и дистриктот Вашингтон. Правото на глас, според законите за предвремено гласање, веќе го имаат остварено над дваесет и девет милиони избирачи во триесет држави. Овие американски претседателски избори, според повеќето аналитичари се историски поради тоа што ако победи Обама, тоа ќе биде првиот американски претседател, афроамериканец, но и поради тоа што ако победи неговиот ривал Мекејн тој, со полни седумдесет и две години, ќе биде најстариот претседател досега.

„Подготвени сме. Вирџинија, ајде да го смениме светот. Ви благодарам, Господ нека ве благослови и Господ да ги благослови Соединетите американски држави.“

Повика Обама на синоќешниот митинг во Вирџинија со кој ја заврши двегодишната кампања за Белата куќа. Мекејн пак по интензивниот финиш на капмањата вчера беше во својата држава Аризона.

„Многумина не имаат отпишано, исто како што го имаа направено и порано и моите опоненти веќе земаат мерка за завесите во Белата куќа. Но не знаат дека Мекејн се врати и оти ние ќе победиме на овие избори.“

Изјави Мекејн. Аналитичарите проценуваат дека доколку Обама победи во Индијана, изборите можат да се сметаат за завршени, а тоа важи и за Вирџинија, уште една сојузна држава во која демократите не победиле повеќе од четириесет и четири години.
XS
SM
MD
LG