Достапни линкови

logo-print

Опозицијата обвинува дека власта се откажува од евроатлантските аспирации, владата негира


Министерството за одбрана и секторот за евроинтеграции се дел од ресорите на чија сметка буџетските средства за останатите институции, но и за реализација на разни проекти кои владата планира да ги оствари се зголемуваат. Имено, со последната прераспределба на буџетот, која доби зелено светло од Собранието, 74 милиони евра меѓу другите и од овие два клучни ресори се пренасочија за други приоритети. Опозицијата ја обвинува власта дека со намалувањето на средствата од овие две институции, со оглед на битните реформи кои ги спроведуваат во насока на евроатлантските интеграции на земјата, всушност владата покажува дека се откажува од овој врвен приoритет:

„Самиот факт што овие средства се земаат од ставки кои се поврзани со евроинтеграции, со меѓународните аспирации на Македонија укажува дека тоа не се приоритети за владата.“

Вели Андреј Петров од Социјалдемократскиот сојуз. Според опозицијата владата наместо да ги насочи сите сили во исполнувањето на потребните реформи согласно евроатлантските аспирации на државата, таа го зголемува буџетот за некои сосема други инвестиции, кои пред се се однесуваат на инфраструктурни проекти, што според опозицијата укажува дека таа очигледно го менува приоритетот на сметка на евро-атлантските интеграции:

„Најголем приоритет сега е да се добијат локалните избори што поубедливо, тоа им е приоритет во овој момент и очигледно распределбата на средствата за градење сега на водоводи, канализации, патишта, јасно е дека приоритетот се менува и јасно е лоциран.“

Вели Петров. Ставот и на експертите е дека одбраната и евроинтеграциите не се ресори од кои треба да се одвојуваат средства, на сметка на други.

„Наместо да се оди во правец на правање на подлабоки реформи, особено сега кога се очекува негативен извештај од ЕК, владата ги пренасочува средствата за други потреби.“

смета аналитичарот Мерсел Биљали. Но ваквиот став на опозицијата и стручната јавност, во владата го отфрлаат. Оттаму велат дека државен приоритет и натаму останува интегрирањето на земјата во евро-атлантските структури:

„Сите министерства се опфатени со прераспределбата, а тоа незначи дека на некој ресор му се дава поголемо, а на некој помало внимание.“

Изјавува владиниот портпарол Шефик Дураки.
XS
SM
MD
LG