Достапни линкови

Џорџо Радикати, шеф на мисијата на ОБСЕ во Македонија. Клучен е дијалогот меѓу власта и опозицијата


Постоењето на набљудувачката мисија на ОБСЕ најчесто се поврзува со безбедноста во една држава. Со оглед на тоа што вашата мисија е се уште тука, се соочува ли земјава со безбедносни ризици?

Всушност мислам дека безбедносната ситуација е добра. Ние внимателно ја следиме ситуацијата во земјава и во моментот немам докази за каков било безбедносен ризик кој би можел да ја загрози меѓународната безбедност.

Сметате ли дека уставните измени кои ги поддржа парламентарното мнозинство ќе помогнат во намалувањето на изборните неправилности?

Лично јас ги сметам амандманите како голем чекор напред за нормализирање на ситуацијата во земјата. Но, се разбира тоа не е доволно. Бидејќи кога тие ќе бидат целосно усвоени, треба да се провери како ќе функционираат. Да се види дали тие да ги наречеме нови правила, целосно ќе се почитуваат.

Задоволни ли сте од начинот на кој се спроведува законот за полиција?

Законот за полиција е исто така многу чувствително прашање. Ние ги следиме овие амандмантски расправи, спроведувањето на овој нов закон и сигурни сме дека тоа ќе и помогне на оваа земја да оди напред по патот кон целосна демократизација. Но би сакал да потенцирам дека полицијата треба да продолжи да работи многу на тренингот. Тренингот е суштински и тој и помога на полицијата да биде во тек со европските стандарди.

Сметате ли дека акциите на полицијата за справување со организираниот криминал ќе го постигнат посакуваниот ефект?

Ние секогаш ги одобруваме ваквите акции. Тие се тешки активности бидејќи организираниот криминал не е присутен само тука во Македонија, туку го има и во другите земји од Балканот и Европа. Затоа е многу тешка задачата на експертите кои работат во тој сектор да се справат со организираниот криминал. Она што сакам да го потенцирам е дека напорите што се прават во оваа област се важни и големи и ако се продолжи во оваа насока се надевам дека ќе има многу подобри резултати.

Во пресрет на претстојниот извештај на Европската Унија за напредокот на нашата земја, какви се вашите очекувања во однос на евроинтеграциите на Македонија?

Содржината на извештајот повеќе или помалку веќе ја знаеме, бидејќи еврокомесарот Рен пред неколку дена на некој начин најави што тој ќе содржи. Но кажувајќи го ова сакам да потенцирам на важноста на овој извештај, која треба да се сфати како еден вид библија за земјите како вашата кои сакаат да станат членки на Европската Унија. Извештајот е еден вид анализа за се она што се случувало во изминатите 12 месеци, а во исто време тој е еден вид книга или упатство кое властите мора да го следат за да ги исполнат условите што од земјите аспиранти ги бара Европската Унија. Сигурен сум дека извештајот ќе содржи многу успешни сугестии за оваа влада со цел исполнување на европските критериуми. Со такво однесување вашиот пат до Европа ќе биде многу пократок. Јас лично посакувам и се надевам дека оваа земја, која навистина заслужува ќе си го најде местото во европскиот состав.

Во оваа насока, задоволен ли сте од начинот на кој се спроведуваат реформите, каде потфрливме и на што треба да се концентрираме во следниот период?

Уште еднаш ќе се повикам на изјавата на Рен, не само последната, тука и на оние во текот на годината и по пролетниот самит на НАТО во Букурешт. Унијата неколкупати ги потенцираше осумте одредници кои мора да се следат од владата. Кон овие осум одредници, беше додадена уште една, изборите. Како што реков, тое е упатство кое мора да се следи и да се провери дали критериумите се исполнети или не. Колку што знам, или колку што се сеќавам од изјавите на Рен има уште две или три цели кои мора да се исполнат. Еден е политичкиот дијалог меѓу владата и опозицијата, тука би ги додал и меѓуетничките односи и спроведувањето на изборите. Идната пролет ќе имаме важен тест со претседателските и локалните избори. Би кажал дека ова не е слика за една земја. Тоа е еден вид филм кој е направен од повеќе фотографии една по друга. Мораме да ја следиме еволуцијата на политичката ситуација во оваа земја и сигурен сум дека на тој начин ќе можеме подобро да ја разбереме содржината на овој извештај, кој не треба да се сфати како некое уметничко дело за 2008 година, туку како кратко резиме на она што било направено и содржи препораки за целосно имплементирање на содржината напишана во извештајот.

Кој е според вас главниот проблем за актуелните политички проблеми во земјава?(лоша кохабитација, постојани препукувања меѓу власта и опозицијата итн.)

Односот меѓу владата и опозицијата е главно прашање не само во оваа земја туку и во другите земји во Европа. Најдобриот начин да се надмине овој проблем е разговорот, дијалогот. Да се избегне каква било нетолеранција, каква било дискриминација. Знаете, живееме во еден свет кој може да го претставиме како голем брод. Сите сме на истиот брод. Меѓусебните односи се најважното прашање за решавање на проблемите. А, во Македонија се случува тоа што се случува и во останатите земји. Владата и опозицијата мора да разговараат и доколку има проблем тие заедно треба да се обидат да најдат решение, без наметнување на некакви одлуки. Знам дека не е лесно. Но, ова е начинот и во еден демократски свет во кој живееме денес, зарем се уште не најдовте други начини за да ги совладате овие проблеми?

Дали во изминатите две години колку што сте тука забележавте напредок во демократскиот развој на Македонија?

Да, секако дека забележав. И тоа го повторувам откако пристигнав тука. Дека од конфликтот во 2001 година, земјата се смета како еден вид успешна приказна и како модел за тоа. Имаше одредени проблеми изминатите месеци како резултат на нецелосното спроведување на реформите во суството, полицијата, па предвремените избори кои на некој начин се покажаа како проблем бидејќи предизвикаа задоцнување со спроведувањето на реформите. Политичката кампања, изборите,постизборниот период, формирањето на нова влада, сето ова предизвика доцнење во спроведувањето на реформите. Но тоа не значи дека одеднаш земјата престана да биде успешна приказна. Таа продолжува да биде тоа, но секако мора да потенцираме дека судбината на оваа земја зависи од крајот на оваа политичка забава.

Во последниот извештај за слободата на медиумите Македонија падна за шест места, односно на 42 место. Кои се според вас причините за ваквата состојба во македонските медиуми?

Ги знам ваквите извештаи, ги има многу...за насилство, тортура, демократизација итн.и тие се корисни оти добро е понекогаш да се провери што луѓето мислат за областите во кои се прават овие истражувања. Но во исто време ние не можеме да им веруваме оти не ги знаеме прецизните принципи по кои се прават ваквите анализи. Затоа за мене е тешко да одговорам дали ова 42 место е подобро од 35-тото или требало да биде 15-то, затоа преферирам да не кажам што било за ова.

До кога мисијата на ОБСЕ останува тука?

Знате, ова не е нешто што е конкретно поврзано со мојата или одлуката на владата. Тоа е генерална одлука. Како што оваа мисија беше основана тука пред 16 години како резулатат на заедничката волја на Постојаниот Совет на ОБСЕ и владата на Македонија, истото ќе се случи и на крајот на мисијата. Кога главните партии ќе сметаат дека нашето присуство тука повеќе не е корисно, тоа ќе значи дека нашата мисија е завршена.

Кои се идните планови и проекти на кои ќе се фокусирате наредниот период?

Засега ќе продолжам да работам во мисијата и ќе се обидам целосно да ги исполнам обврските во мојот мандат. Јас сум веројатно чуварот на мисијата, но ми помагаат повеќе од 200 луѓе околу мене. А, за иднината...ќе видиме.
XS
SM
MD
LG