Достапни линкови

Прераспределбата е со цел поефикасно искористување на парите, велат од Министерството за финансии


Одлуката на владата за прераспределба на буџетските средства за нови намени, само два месеци по последниот ребаланс на буџетот, предизвика повеќечасовна па дури и полноќна расправа во Собранието, на која главно опозицијата ја обвини власта дека по само неколку месеци иницира нова прераспределба на буџетот со што според нив, се покажува дека Владата нема никаква стратегија за развој на државата. Во министерството за финансии ги отфрлаат ваквите обвинувања и велат дека била нужна новата прераспределба на средствата од државната каса заради нивно поефикасно искористување.

„Значи во делот на расходите нужно е да се направи одредена реалокација на средства се со цел да имаме поефикасно искористување на парите до крајот на годината.“

Изјавува Мартин Мартиновски портпарол на Министерството за финансии.
Според експертите во турбулентни економски времиња се појавуваат ситуации кои неможе однапред да се испланираат и како што додава професорот од Универзитетот на Југоисточна Европа Мирољуб Шукаров, понекогаш е дозволено е да се интервернира на ваков начин:

„Јасно ми е дека во ова турбулентно време во кое што сега живееме, во кое што од ден на ден се менуваат работите, нормално е дека неможе да се испланира добро за цела година, па дури и за шест месеци, што се ќе биде потребно. Прашање е за што се наменети?“

Според одлуката Владата планира пренамена на средствата мегу буџетските корисници на централната власта и мегу фондовите во висина од 74 милиони евра. Дел од средствата ќе бидат пренаменети во здравството за што ќе бидат доделени 800 милиони денари, потоа за финансиска подршка на Македонската радио телевизија, ќе и се додели помош и на МЕПСО в о висина од 450 милиони денари, за инвестиции на инфраструктурата во некои општини, како и за доизградба на социјални станови, градскиот стадион и други објекти. Економските експерти сметаат дека во пренамената на буџетските средства нема развојна компонента, туку станува збор пред се за капитални инвестиции.

„Доминираат капиталните расходи, значи власта сака да го одржи БДП да не падне со потенцирање на капитални инвестиции, односно инфраструктура што се инвестиции, а тие дирекно го зголемуваат БДП, што во Макеоднија ни недостастува.“

Изјавува професор Шукаров. Како што се образложува новата пренамена на буџетските средства меѓудругото е на сметка на Министерството за одбрана и Секторот за европски прашања, односно дел од финансиите од овие два сектора ќе им бидат прераспределени на другите буџетски корисници.
XS
SM
MD
LG