Достапни линкови

Името и економијата ќе бидат во фокусот на изборната битка


На македонската политичка сцена, се чини според засилените активности на политичарите започна кампањата за претстојните локални и претседателски избори. За наредниот изборен циклус веќе се дефинирани и изборните правила, откако вчера во Собранието со мнозинство гласови беа донесени и измените на Изборниот законик. Експертите велат дека имено во овие две години, всушност предизборната кампања не ни завршила.

„Апсолутно, мислам дека веќе влегуваме во кампања иако во изминативе две години, помеѓу 2006 година парламентарните избори и сега, ние сме постајно во една константна, латентна изборна кампања.“

„Што се однесува до прерано започнатата кампања, сосема очигледно е дека некаде посрамежливо, некаде појасно се појавуваат идните кандидати.“


Изјавуваат аналитичарите Алберт Муслиу и Ѓунер Исмаил.
Муслиу додава и дека мобилизирањето на партиите за освојување на симпатиите на електоратот за претстојните избори веќе го најавија и последните превирања меѓу сегашната опозиција:

„Можеби еден индикатор за тоа е и одреденото несогласување помеѓу членките на Коалицијата Сонце и мислам дека и тоа е еден вид на влегување во предизборна кампања.“

Посочува Муслиу. Кои ќе бидат главните теми мегу кои ќе се води изборната битка? Според стручната јавност таа ќе се води меѓу двете централни теми изминативе години. Имено, според аналитичарот Ѓунер Исмаил тоа се - економијата која секогаш за политичарите вели, е еден сладок декор во кампањата, и прашањето за името кое пак нуди широки можности за дебатирање, од евроинтегративните процеси, до меѓуетничките односи:

„Темата име никогаш не ја гледам како изолирана тема, туку како тема која што всусшност идеално се вклопува во нашата досегашна кратка историја, нашите интерни меѓунационални односи.“

Но, според аналитичарот Муслиу овие две прашања различно ќе бидат користени меѓу опозицијата, односно власта во преставувањето на сопствените успеси одноно неуспесите на другиот:

„Мислам дека позицијата ќе инсистира да говори повеќе за економските прашања, односно ќе ги избегнува жешките прашања, а од друга страна опозицијата ќе се фокусира повеќе на забавените евроинтегративни процеси.“

Иако се чини отприлика политичките партии според однесувањето во јавноста ја дефинираа кампањата за следните избори, во целосна тајност останува кои ќе бидат нивните главни адути, односно на само неколку месеци пред изборите со кои имиња ќе се обидат да ги освојуват симпатиите на гласачите.
XS
SM
MD
LG