Достапни линкови

Идеите за поделба се неприфатливи за политичките претставници на албанците на Косово


Политичките претставници на албанците на Косово ја отфрлаат идејата за административна поделба на северот на Косово. Ваквиот предлог, според медиумите, го изнесол Андреј Ледли кој од генералниот секретар на Обединетите нации Бан Kи Мун е овластен да посредува во преговорите меѓу Белград и Приштина.

Претседателот на општина Митровица и потпретседател на владејачката Демократска партија Бајрам Реџепи ја отфрлува идејата за административна поделба на северот на Косово, како и евентуалните планови за поинакво функционирање на косовските институции на тоа подрачје:

„Целосно е неприфатливо. Не може да има две царини, две администрации. Сето тоа е во спротивност со пакетот на Ахтисари.“

Идеите за поделба се неприфатливи и за опозицијата. Потпретседателот на Алијансата за иднината на Косово Бајрам Косуми вели дека немал информации за некаков официјален план за поделба на северот на Косово. Според него, најавените разговори меѓу Приштина и Белград, со посредство на Обединетите нации, би требало да бидат јавни. Ако на нив и биде покренато прашањето за поделба тогаш, како што вели, треба да се отвори и прашањето за Прешевската долина.

„Јас во принцип не мислам дека Косово треба да расправа со Србија за северниот дел. Доколку тоа биде прифатено, тогаш треба да се постави прашањето за источно Косово, односно Прешевската долина.“

Од друга страна, Косовскиот институт за истражување и развој на политиките деновиве под називот „Ахтисари плус“ претстави предлог за нормализација на односите на северот на Косово. Директорот на Институтот Љуљзим Пеци вели дека станува збор за план кој би се преминувал во Митровица. Според него, вина за сегашната ситуација во тој град сноси меѓународната заедница.

„Мислам дека еден дел од меѓународната заедница во кој спаѓаат и Обединетите нации има за цел од Косово да создаде земја со два правни система кои на крајот ќе довдеат до поделба на Косово.“

Вели Пеци. За да се избегне тоа, според претседателот на Митровица, Бајрам Реџепи, треба што поскоро да биде воспоставена мисијата Еулекс:

„На северот на Косово и така постои вакуум. Не функционираат редот и законите. Европската унија треба да биде порешителна во воспоставувањето на Еулекс.“

Инаку, медиумите во Приштина деновиве објавија дека пратеникот на Обединетите нации во дијалогот меѓу Приштина и Белград Андреј Ледли предложил царината на северот на Косово да функционира независно од царинскиот систем на Косово, полицијата да има одвоена команда, а судовите да имаат посамостојна позиција од Приштина.
XS
SM
MD
LG