Достапни линкови

Експертите велат дека Владата не смее да молчи и мора да преземе мерки за ублажување на последиците


Во случај кога целиот свет се мобилизира да ги ублажи последиците од светската економска криза, македонската влада неможе да остане настрана од овој проблем, предупредува експертската јавност во земјава. Власта мора да преземе мерки преку кои ќе им помогне на домашните компании кои веќе почнаа да ги чувствуваат последиците од глобалната финансиска криза, велат тие. Меѓу првите на удар се најде металуршката индустрија. Поради падот на цените на металите на светските берзи производството е намалено, а околу 500-тини работници од овие компании се испратени на принуден одмор. Помош од власта веќе бараат и други стопански гранки, како текстилната и кожарската. Од владата се бара реакција и одговор за тоа како планира да се справи со овој проблем, кој веќе неминовно ја погодува и земјава. На тоа повикува и експертската јавност. Професорот Ванчо Узунов вели:

„Има разни теории едни велат дека никако не смее да се ,,седи со скрстени раце“ други теории во економијата велат дека, пазар е пазар и дека владата нема што многу да се меша, меѓутоа во цел свет очигледно владите се мешаат. Второ, нашава влада се мешаше кога немаше потреба, па сега кога има потреба ќе си молчи? Мислам и тоа не е логично нејзино однесување, а оние субвенции во земјоделството што се? Тоа не е не мешање.“

Изјавува професор Узунов. Неговото мислење го дели и професорот Петрит Положани. Станува збор за вонредна ситуација и власта неможе да бега од одговорност оправдувајќи се дека станува збор за пазарна економија, додава Положани:

„Владата треба да има дополнителни мерки за овие случаи, особено во ситуација кога се знае дека се соочуваме со голема невработеност.“

Според експертите треба добро да се осмислат мерките кои може владата да ги преземе за да и помогне на домашната економија:

„Прво да се проучат правилата на ЕУ, бидејќи таму има јасни правила, што во кој случај може да се направи. И кога тоа веќе го прават земји членки на ЕУ, ние само да видиме што тие прават, потоа да се направи една анализа што реално на овие сектори кај нас што се најпогодени од кризата или на сите идни, им треба како помош и потоа тоа да се осмисли како најефикасно тоа да се изведе.“

Вели професор Узунов. Поевтина струја, откажување од акцизите, враќање на бесцаринската зона, се само дел од барањата што до владата најпрво ги испорачаа металурзите. Со одредени идеи до неа се обратија и од кожарската и текстилната индустрија. Но, од владата засега нема прецизен одговор за тоа како на овие компании ќе им се излезе во пресрет.
XS
SM
MD
LG