Достапни линкови

Веруваме дека Македонија треба да биде во НАТО


Соединетите Држави уште еднаш ја потврдија поддршката на Македонија за влез во НАТО. Нашата позиција е јасна, рече заменик помошникот на државниот секретар на САД, Стјуарт Џонс.

„Веруваме дека Македонија треба да биде во НАТО. Ја поддржуваме нејзината кандидатура. Тоа неодамна го потврди и претседателот Буш при потпишувањето на документот за ратификација на протоколот за влез на Хрватска и Албанија во Нато. Тој рече дека се надева дека во најбрз можен рок истиот документ ќе го потпише и за Македонија. За да стигнете до таа цел, САД го поддржуваат преговарачкиот процес под покровителство на ОН, и тоа е најдобриот начин да се постигне успех,“

изјави Џонс, по средбата со премиерот Никола Груевски и шефот на македонската дипломатија Антонио Милошоски. Покрај прашањето за разликите околу името, на средбите било разговарано и за билатералните односи, можностите за унапредување на соработката, состојбата во регионот, како и прашањето за спорот со името биле темите за кои било разговарано.

Задоволен од тоа како поминале средбите, Џонс ја пофали како што кажа одличната соработка меѓу двете влади.

„САД се многу благодарни за вашата поддршка во мисиите во Ирак, во Авганистан. Според она што го дискутиравме можам да кажам дека нашиата визија за регионот е идентична,“

рече Џонс.

Заеднички биле и позиции во однос на прашањето за Косово. На средбата биле потврдени заедничките напори за ова прашање да се развива на начин кој ќе придонесе за регинална стабилност. Македонската страна изразила задоволство од поддршката која земјава ја добива од Вашингтон, а на разговорите биле разгледани и можностите за унапредување на стратешкото партнерство меѓу двете земји. Во текот на денот, предвидено е Џонс да се сретне со претставниците на најголемите политички партии во земјава.
XS
SM
MD
LG