Достапни линкови

Македонската берза и металушката индустрија први на удар


Светската економска криза и покрај смирувачките тонови кои што се обидуваа да ги испратат надлежните институции во земјава, почнува да се рефлектира и во Македонија. Ударот на глобалната финансиска криза го почувствуваа најпрво металуршката индустрија и макеоднската берза која вчера го доживеа најголемото намалување на вредноста на акциите во својата историја, Имено, вредноста на акциите на десетте најликвидни компании се намали за 8,65 проценти, што е најголем пад забележан досега. Берзанискиот аналитичар Горан Марковски вели дека неминовно рецесијата и падот на акциите на светските берзи, посебно вчерашниот пад на азиската берза е причина за намалувањето кое го забележа и домашната:

„Пред се, инвеститорите поведени од случувањата на овие пазари ги пресликаа и случувањата на македонскиот пазар. Генерално е тоа, инаку се е втемелено на стравот од потенцијална рецесија и ефектите од тоа.“

Марковски вели дека во догледен период не очекува опоравување на македонската берза, посебно додека не се добијат позитивни индикатори во однос на домашната економија - зголемувањето на вработувањето, Бруто домашниот производ и потрошувачката и секако смирување на случувањата во поглед на светската криза:

„Не може да очекуваме нешто позитивно да се случи, барем не на краток рок, се додека има информации дека рецесијата е тука и дека продолжува.“

вели Марковски. Глобалната економска криза односно падот на металите на светските берзи веќе предизвикува катастрофални последици во домашната металуршка индустрија. Намалено производство, Повеќе од 500-тини работници веќе испратени на принуден одмор, а пораката на незадовлство со штрајк денеска ќе ја пренесат пред Владата. Со оглед дека металуршката индустрија најмногу учествува во вкупниот извоз на државава, огромни ќе бидат последиците врз зголемувањето на и онака високиот трговски дефицит, коментираат економските експерти:

„Поради зголемено учество на овој сектор во извозот, може да се очекува натамошно влошување на состојбата во извозниот биланс и кај нас,“

вели професорот Зоран Ивановски кој предупредува дека доколку итно не се преземат мерки од надлежните институции, на и онака лошата економска состојба во земјава, не и следуваат добри моменти:

„Домашната економија ќе биде повеќе погодена од поразвиените економии,“

изјавува професор Ивановски.
XS
SM
MD
LG