Достапни линкови

Итна седница на хрватскиот совет за национална безбедност


Хрватскиот совет за национална безбедност денеска одржува седница по синоќешното убиство на новинарот и сопственикот на неделникот Национал Иво Пуканиќ. Претседателот Стипе Месиќ, власта и опозицијата со идентична оценка дека е потребна заедничка акција за спречување на, како што се повеќе се наведува, тероризмот по улиците на Загреб.

Ние или тие. Ние како правна држава односно функционирањето на институциите на системот и сигурноста на граѓаните или тие под кои се подразбира криминалци, терористи и мафијаши. Ова стои во првата реакција на хрватскиот претседател Стипе Месиќ на синоќешниот атентат врз новинарот и сопственик на неделникот Национал Иво Пуканиќ, во кој загина и одговорниот за маркетинг во весникот Нико Фрањиќ. Тие биле убиени откако со активирање на експлозивна направа бил кренат во воздух автомобилот на Пуканиќ паркиран пред зградата на Национал во Загреб. Се верува дека бомбата била активирана со далечински управувач. Четириесет и седум годишниот Иво Пуканиќ е еден од најконтроверзните хрватски новинари и многу често јавноста во Хрватска го поврзуваше со криминалната сцена, но таквите сомневања никогаш не беа докажани. Познат е и по тоа што многу пати се фалел со неговите пријателства со познати луѓе, почнувајќи од разузнавачкото подземје, до општествената елита и политиката. Во април годинава имаше уште еден обид за убиство на Пуканиќ кога непознат напаѓач стрелал врз него, но непрецизно. Полицијата соопшти дека Пуканиќ во последно време не пријавувал никакви закани, при што била укината полициската заштита и наместо тоа повремено била само надгледувана куќата во која живеел. Инаку, со истата оценката на шефот на државата Стипе Месиќ дека тероризмот влезе на улиците на главниот град на Хрватска премиерот Иво Санадер најави порешителна пресметка со организираниот криминал и теророт при што, како што изјави, побарал поддршка од сите партии во земјата.

„Колку и да звучи тешко оваа изјава, јас ќе ја кажам. Нема да допуштиме Хрватска да стане Бејрут. Ова веќе не е прашање на пресметка со организираниот криминал. Ова е нешто против кое ќе станеме сите заедно.“

Изјави премиерот Иво Санадер кој оценувајќи дека станува збор за нешто поголемо од обична пресметка на подземјето, најави дополнително забрзување на иницијативата за итна изработка на пакетот антимафијашки закони. Убиството на новинарот Иво Пуканиќ е трето во изминативе петнаесет дена во Хрватска. Неодамна беа убиени и Ивана Ходак, ќерка на адвокатот Звонимир Ходак кој го брани Владимир Загорец со кој Пуканиќ во последно време, според пишувањата на медиумите, бил во судир, како и бизнисменот Зоран Мрваљ за кого се наведува дека се занимавал со лихварство.
XS
SM
MD
LG