Достапни линкови

Монополската позиција на пазарот им овозможува високи профити, велат економистите


Четири македонски фирми се најдоа меѓу 100-те најголеми во Југоисточна Европа. Станува збор за фирми од енергетскиот сектор кои во минатата година оствариле највисоки нето приходи- ЕВН, МЕПСО, Макпетрол и Окта. Успешна финансова политика и навремена реализација на побарувањата стојат зад резултатите, појаснија челните луѓе на овие компании со назнака дека и давачките кон државата се секогаш навреме подмирени. Овие стопански моќници со високи профити истовремено имаат високи цени на пазарот и се во постојан тренд на нивно покачување, коментираат граѓаните.

„Тие не би оствариле толку големи профити ако не ги бараат тие покачувања.

„Тоа се монополски фирми.“

„Сакаат да бидат подобри од останатите, уште подобри да бидат. Меѓутоа мислам дека не е добро што ги покашчуваат цените.“


Станува збор за природно монополска позиција на одредени субјекти во стратешки сектори кои ја употребуваат или дури и злоупотребуваат својата позиција на пазарот, објаснува професорот Абдулменах Беџети.

„Полош од државниот монопол е приватниот монопол, така што без разлика што се приватизирани се знае дека водат сметка само за профитната компонента, баш и многу не се загрижени за развојната компонента. Тоа и во теоријата е многу јасно, а и праксата функцинира перфектно, односно во нивна полза.“

Беџети вели дека таквата концентрација на пазарот која секогаш оди на штета на потрошувачите. Овие субјекти кои се сметаат за претпријатија со доминантна позиција на пазарот не се казниви сами по себе, но се под постојан мониторинг од страна на комисијата за заштита на конкуренцијата, вели нејзиниот претседател Чедо Краљевски.

„Ние перманентно ги следиме сите однесувања, на Макепетрол, Окта и Мепсо, досега не сме воделе постапка, но за ЕВН-ЕСМ сме воделе и имаме изречено и санкции.“

Ваквите претпријатија кои имаат природен монопол така егзистираат од некое минато време, од некој поранешен систем, закомисијата се интересни кога ја злоупотребуваат таквата позиција, вели Краљевски.
XS
SM
MD
LG