Достапни линкови

Судир на интереси и нелојалност, укажуваат експертите


Законската регулатива во Македонија дозволува двојно државјанство, па според тоа и носителите на високи јавни функции немаат забрана да поседуваат освен македонското, и државјанство на некоја друга земја. Конфликт на интереси, спорна лојалност, се само дел од коментарите на експертите за оваа можност. Професорот од правниот факултет Гордана Сиљановска, вели дека ова е недозволив чин. Спорна е лојаланоста и заштитата на интересите на државата, доколку пратеници, министри, но и претседатели на влада или држава, имаат можност за двојно државјанство вели таа:

„Кај политичарите мислам дека политичката димензија е најважната, крајно за мене неморално е да бидете истовремено, особено кога станува збор за некој кој што ја персонифицира државата, бидејќи тоа се тие луѓе кои што ја уживале нашата доверба биле на највисоки функции, а истовремено да имате и државјанство на друга земја.“

Дека на регулирање на оваа проблематика треба сериозно да се размисли, зборува и моментот на континуирани напади од соседните земји, односно оспорување на македонската нација, на јазикот, црква, што посебно се актуелизира во периодот на решавање на проблемот со името.

„И во моментот тоа не доведува на политичката сцена во регионот, со земји со кои имаме сериозни проблеми во поглед на признавањето на нацијата, идентитетот на земјата, и нормално дека тогаш тие власти Ве идентификуваат со нив.“

Изјавува професор Сиљановска која во оваа насока додава:

„Тогаш многу лесно, вие може да речете за некој предлог за името дека е сосема рационален, разумен итн, бидејќи имате резервна варијанта, имате резервна татковина.“

Државата мора да пронајде модел за да се знае кој ја раководи и дали работи за интересите на оваа држава, или за некоја друга, се согласува со ставот на професор Сиљановска и професорот од Факултетот на Југоисточна Европа Рухи Бакиу:

„Треба да постои законска рамка во која нема да се доведуваат граѓаните на Македонија да бидат дискриминирани во однос на луѓето кои што се поставени како елитни структури, односно политичарите.“

Љупчо Георгиевски, Љубе Бошковски, Агрон Буџаку, Драган Даравелски, се само дел од македонските политичари кои освен македонско, поседуваат и државјанство на друга држава. Некои од нив, сеуште се активни на политичката сцена во земјава.
XS
SM
MD
LG