Достапни линкови

Повеќето граѓани знаат дека утре се слави денот на ВМРО, но недостасува пошироко познавање


Втора година по ред прославување, граѓаните преку медиумските кампањи се запознаа со утрешниот празник и велат знаат дека утре се слави денот на македонската револуцинерна борба, односно создавањето на ВМРО. Но, познавање за суштината недостасува, а меѓу дел од граѓаните и сеуште останува конфузијата дали празникот треба да се прославува или не:

„Дали знаете што празник е утре?

„Да знам, празник на ВМРО и сметам дека треба да се прославува бидејќи не одам на работа.“

„Мене ми личи на некоја компензација да направат поради АСНОМ.“

„Се запознав со ова кога пред две години беше донесен законот“


Изјавуваат граѓаните што ги анкетиравме. Прославувањето на денешниот ден кога во 1893 година се формирал Македонскиот револуционерен комитет од кој подоцна произлезе Внатрешно македонската револуционерна организација ВМРО, уште пред две години предизвика жестоки дебати во јавноста. Годинава, со сеуште несмирени страсти од поставувањето на овој ден како државен празник, жестоки реакции предизвика и одлуката на Одборот за доделување на државната награда ,,23 октомври“ која одлучи да му припадне на актуелниот директор на државниот архив Зоран Тодоровски, кој своевремено предизвика полемики поради како што беа оценети неговите пробугарски ставови. Тодоровски своевремено излезе со тврдење дека основоположникот на македонскиот литературен јазик Крсте Мисирков се декларирал како македонски бугарин, а спорни беа и неговите ставови околу бугарската политиката за Тодор Александров. Професорот од институтот за нацинална историја Новица Вељановски, не го оспорува значењето на неговата работа за македонската историја, но додава:

„Не би се согласил јас со тоа дека искажува ставови. Тој е под одредено влијание на истражувањата што најчесто ги има вршено во Бугарија, но има и голем придонес во тоа што тој донесе доста материјали и документи кои што ги депонира во Архивот на Македонија благодарение на тие блиски односи и соработка со Бугарија.“

Објаснува професор Вељановски. Одборот која ја доделува државата награда „23 Октомври“ е сочинет од 14 членови, а наградата им се доделува на личности за остварувања во областа на науката, културата, заштита на државните интереси и промоција на истите.
XS
SM
MD
LG