Достапни линкови

Подобра можност за граѓаните, оценуваат експертите


Иницијативата градот Скопје, да функционира како една општина, наспроти сегашните посебни општински единици, експертите ја оценуваат како подобра можност за граѓаните. Имено, сегашната територијална поделба на главниот град на државата, во пракса се покажа како конфузна и без поголеми резулатати во која градоначалнците само си ја префрлаат вината еден на друг, смета експертот од областа на локалната самоуправа и поранешен претседател на ЗЕЛС Горан Ангелов:

„Праксата ни покажува дека овој модел тешко функционира, голем дел од проблемите кои што се навистина битни за граѓаните поради големиот судир на интереси помеѓу градоначалникот на Скопје и другите општини.“

Актуелниот прв човек на Скопје Трифун Костовски ја достави до владата неговата иницијатива односно предлог- измените на законот за град Скопје, со кои метрополата би функционирала како една општина, а би се одвоиле руралните средини. Во измените се предлага и гарантирање на двојазичноста, како и градскиот буџет да изнесува една третина од буџетот на државата. Со ваквата можност во делот на финансирањето, смета Ангелов би се решиле сегашните финансиски проблеми со кои се соочува градот Скопје, наспроти останатите негови општини:

„Кај нас буџетите на општините, значи десетте скопски општини имаат поголеми буџети отколку буџетот на градот Скопје. Значи вака како што стојат работите ќе имаме и различни состојби од општина во општина. Помеѓу богатите општини и сиромашните општини.“

Вели Ангелов. Во владата ветуваат дека сериозно ќе го разгледаат предлогот за измена на законот за град Скопје што веќе им е доставен од градоначалникот Костовски:

„Ќе излеземе со свој став дали ќе го поддржиме и сигурно и владата ќе има свој придонес.“

Изјавува Шефик Дураки портпарол на владата. Но, експертите се на мислење дека и покрај тоа што иницијативата што се нуди е подобра за граѓаните од сегашната поделба на Скопје, тешко дека може да се очекува таа да се оствари:

„Во Македонија сеуште не постои политичка волја за донесување на толку моќен закон со кој ќе се концентрира моќта во градоначалникот на Скопје и во советот на градот Скопје.“

Освен ова, сметаат експертите причина поради која што тешко дека централната власт ќе пристапи кон промени, е и тоа што секоја политичка партија, во многубројноста на општинските совети при ваква подебла на градот, гледа можност за пополнување на места со свои партиски кадри.
XS
SM
MD
LG