Достапни линкови

Одложено назначувањето на раководните лица на неколку институции


Со повеќе битолски институции подолго време управуваат в.д. директори, реагира локалната опозиција во Битола. Опозиционерите предупредуваат дека се работи за фирми кои се од витално значење, не само од градот, туку и за државата. Наместо генерални менаџери, в.д. директори, по три па и четири месеци управуваат со РЕК Битола, Стрежево, Агенцијата за земјоделство, театарот и Центарот за култура.

Стевче Стефановски од ЛДП стравува како ваквата ситуација ќе се одрази врз работата на ерегетскиот стожер, кој произведува 70 проценти од вкупните електрични потреби на државата. Тој е без генерален директор, а во изминатиот период беа зачестени дефектите на блоковите во Термоцентралата:

,,Ако претходниот директор, со својот тим, секојдневно се фалеше дека успешно работи, зошто неговиот наследник не се бара во тимот што работеше заедно со него, туку се назначува некакво в.д. раководство кое секојдневно патува на релација Битола Скопје".

Ништо не е подобрена ниту ситуацијата во ЈП Стрежево, нагласува Стефановски, оваа фирма стопанисува со вештачката акумулација од каде и битолски водовод се снабдува со вода во услови на суша. Кога нивото на акумулацијата е намалено, претпријатието е без човек на челната позиција:

,,Таму има само потписник на сметка, а директор никој не знае кога ќе се наименува. Агенцијата за поттикнување на развој на земјоделството, нема ниту директор, ниту потписник. Вработените се неколку месеци без плата."

Слична ситуација владее и во институциите за култура. Откако Цветан Стојановски даде оставка од директорската функција во театарот, таму за в.д. е назначен Сашо Огненовски. Директорските турбуленции се случуваат во период кога театарот годинава оствари само три премиери. По разрешувањето на Ана Бегаовска, кадар на НСДП од директорската функција во Центарот за култура, назначен е в.д. директор. Во ваков амбиент институцијата го помина фестивалот Браќа Манаки кога поголем дел од манифестацијата се пресели во Скопје. Од ЛДП се сомневаат дека сето ова е последица на внатре партиски кавги и комбинаторики во владеачката партија. На ваквите обвинувања од ВМРО ДПМНЕ со реакција дека сето ова е работа на централата во Скопје и дека за најскоро време ќе биде решена в.д. ситуацијата во градот.
XS
SM
MD
LG