Достапни линкови

Хисен Рамадани, политиколог. Албанците имаат интерес да се зацврсти македонскиот идентитет и државата Македонија


Господине Рамадани, ве прашувам како аналитичар којшто долго време ги следи случувањата на Балканот. Според вас, какви се можностите од евентуална поделба на Косово по етничка линија, односно на српски и албански дел да се пренесе и во Македонија, односно Албанците тука да бараат да се примени таков принцип?

Прво, да кажам дека таа историја за постоење на некој концепт од страна на Србија за поделба не е воопшто нов. Тој датира од 1968 година. Но, и тогаш и сега, и со текот на времето се покажа дека тој концепт би бил најлош за Србите. И за Србите во Косово и за Србија во целина, потоа за пошироките последици, да речеме во Македонија итн. Зошто за Србите? Сите Срби не живеат само на овој дел којшто условно би претендирале Србите, туку живеат и на други места. Дури се смета дека е поголем делот на Србите кои се во внатрешноста на Косово, отколку оној дел што евентуално би бил во иднина српски дел. Второ, тоа би предизвикало последици во Јужна Србија, а последиците во Македонија би биле тоа што неслагањето за таа ориентација би била комплетна, од страна на Албанците, но таа не би морала автоматски да предизвика тука последици во смисла на поделба, затоа што поделбата наша не зависи од тоа какво ќе биде Косово, туку од тоа каква ќе биде Македонија.

Како според вас би реагирале Албанците во Македонија доколку на подолг рок Македонија не влезе во НАТО и во ЕУ, поради спорот со името со Грција?

Видете, тој концепт треба да се гледа малку пошироко од тесните гледања. Дали во македонскиот дел има и концепција којашто бара алтернатива. Надвор од НАТО. Според Албанците нема алтернатива. И според тоа, ако Македонија не влезе, тоа за нив значи дека може да побуди и други интереси и барања. Тоа е поширок, објективно поширок проблем. Невлегувањето на Македонија во НАТО ги разместува глобалните концепти за југоисточна Европа во целина и за ЕУ во целина.

За сега не се наѕира решение за тој спор, иако се зборува дека двете страни се под силен меѓународен притисок. Во меѓувреме, Скопје и Подгорица го признаа Косово, за што исто така се зборуваше дека е потег донесен под меѓународен притисок. Сметате ли дека големите сили во моментов сакаат да ги затворат овие отворени балкански прашања?

Мислам дека интерес е пред се на Македонија, па и на Црна Гора да даваат знаци, посигурни и поцврсти дека тие се и под услови на извесен ризик спремни за побрз од кон Европа и НАТО. И од таа гледна точка прво треба да се гледа одлуката на владата на Република Македонија и на Црна Гора за признавање на Косово, како знак за, да кажам, добар фактор којшто ја потврдува нивната одлука дека се непоколебливо ориентирани за НАТО. Притисокот за кој се смета, е присутен, но веќе е и шпекулативна политичка калкулација на силите. Главниот чинител и главниот фактор зошто Македонија и Црна Гора по мое мислење се определија за признавање, по мое мислење, е за да дадат знак за којшто зборував – дека тие се одлучени непоколебливо за евро атлантска ориентација.

Очекувате ли меѓународниот притисок, којшто според гласините се врши за решавање на спорот со името да вроди со плод. Еве, Македонија и Грција се подалеку од решение, очекувате ли тој притисок да вроди со плод?

Па, јас не би бил толку цврст во таа определба дека Македонија и Грција се се подалеку, можеби тоа е моментален и релативен впечаток, затоа што медијаторот употребува методологија на пробни балони за да ја види реакцијата на едната и другата страна, а јас мислам дека тој јаз брзо би се пребродил, доколку, а мислам дека ќе дојде до тоа, од страна на Грција, македонскиот идентитет и јазик биде дефинитивно скинат од дневен ред како дилема. Значи, македонското битие пред се мора да биде сигурно за своето јас, пред се идентитетот и јазикот, а потоа мислам дека работите ќе се средат. А, и за Грција е тоа во интерес. Нема интерес Грција условно да речено да ја нема Македонија. Ниту Албанците немаат таков интерес. Албанците имаат интерес да се зацврсти македонскиот идентитет и државата Македонија, затоа што во тоа си ја гледаат и својата перспектива, мислам на Албанците овде во Македонија, но ја гледаат и перспективата на Балканот и Европа.

Партиите на македонските Албанци ДУИ и ДПА се обединија за резолуцијата за признавање на Косово, којашто ја поднесоа до Собраниет. Сметате ли дека односите меѓу овие две партии влегуваат во помирни води?

Во политиката некогаш има преломни моменти. Ова треба да се смета за преломен момент, за една надоградба на самите политички партии. Јас тоа го гледам веќе како политички раст, на самите албански партии, отколку како гест којшто еве се случи по повод една вистина важна работа и за Македонија и за Балканот, а особено за Косово. И мислам дека тоа треба да биде поука и јас така и би сугерирал, тоа да биде политичка поука за политичката култура и политичкиот пристап кон проблемите, и кога се позитивни, и кога се слагаат и не се слагаат.

Според некои аналитичари, ДУИ откако влезе во власта како да го омекна својот став, и според нив како да подзаборави на оние албански прашања и проблеми за коишто претходно се залагаше. Какво е вашето мислење во однос на ова?

Па, прво во принцип да се договориме, правило е при конституирањето на владата после изборите, ниту една од партиите не е во состојба и нема кондиција да направи се она што ветила пред изборите. Изборите се поле за борба, за борење, во којшто секој го нуди максимумот. Но, доаѓањето на власт е седење на земја, тоа е атерирање од некои летови и треба да се гледаат реалните односи. И мислам дека во таа гледна точка ДУИ и неговата активност треба да се гледа од аспект на позицијата на партнерот. Таа не може да делува во владата само со своите барања, туку мора да ги има предвид и програмските определби и целите што ги има и партнерот. И според тоа јас мислам дека во досегашниот однос, со мали исклучоци некоја рамнотежа е најдена, иако не совршена, но во секој случај мислам дека може да се направат повеќе чекори напред отколку назад.

Што очекувате да се случува со Хашките случаи?

Јас право да ви кажам кога зборуваме за хашките случаи јас стално сум инсистирал дека де факто прво треба да се реши прашањето во врска со поимот, разбирањето, содржината и апликацијата на Законот за амнестија. Без тоа не може ниту да се влезе, ниту да се излезе од Хашките случаи. Јас лично мислам дека законот за амнестија не е закон којшто ги штити невиновните, тоа е закон кој ги штити виновните. Да бидеме реални, затоа е закон за амнестија. И според тоа, тој закон за амнестија предвидуваше да се отфрли процесуирањето судско за прашањата коишто не влегуваат во дел за нечовештво, геноцид и други квалификации што ги има Хашкиот трибунал. И сега, ако тој оценил дека тие не се од тој домен, или не се од таков карактер, тогаш треба да се види дека тие сепак се дел од законот за амнестија. Знаете, тие проблеми отвораат и други проблеми. Затоа што, законот за амнестија не амнестирал само една страна, само Албанците, туку ги амнестирал и Македонците при бомбардирање на селата, цивилно население, на пример, јас сега не сакам да споменувам, но има конкренти примери со фамилии страдани тотално, цела фамилија. Но, отворањето на тоа е само чепкање по рани, коишто после тоа може да бидат канцероидни.
XS
SM
MD
LG