Достапни линкови

Експертите на став дека тоа мора детално да се прецизира и осмисли за да нема последици


По информациите во јавноста дека владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ размислува за подготовка на специјален закон за предвремено пензионирање на мажите и жените чиј вкупен збир на години и работен стаж е над 80 години за жените, а над 90 за мажите, од министерството за труд и социјална политика велат дека не се работи на измени во постоечкиот закон за пензиско и инвалидско осигурување. Законот кој според најавите би требало да важи за следната година и да ги опфати сите вработени во јавниот, но и во приватниот сектор се предвидува да биде на доброволна основа. Доколку оваа идеја се реализира некои од експертите велат дека ќе се постигне негативен ефект:

„Има професии, рударство, текстилни работници, полиција, војска, каде што може ова да се примени бидејќи има достапни кадри, меѓутоа во науката, во образованието, тоа апсолутно е погрешно, бидејќи треба минимум 15 години за некој да стане стручњак. Кадрите во науката и образованието тешко се создаваат.“

Изјави проф. Лазар Лазаров од Универзитетот ФОН
За ваквата идеја не биле информирани ниту во Сојузот на синдикати.

,,Ние би требало во редовна постапка да бидеме известени од Владата односно Министерството за труд, а до овој момент ССМ нема никакви информации за овој закон.“

Изјави Пеце Груевски од ССМ
Според првичните најави законот нема цел да го намали бројот на вработени во администрацијата, туку да се ослободат места за млади невработени лица. Проф. Лазаров смета дека ваквата одлука е избрзана.

„Добро е да се вработат млади, меѓутоа тоа треба да се направи етапно. Може пилот проект да се направи, младите да дојдат до израз и да се вработуваат. Меѓутоа неможе туку така со ,,декрет да се пресече“ на тој начин ќе има негативен одраз, не е само за пензиите кои ќе бидат на товар на државата, се работи за една одлука која е избрзана и која мора добро да се осмисли.“

Од ССМ се сомневаат во намерите на власта со овој закон да се отворат места за нови вработувања. Според нив законот би можел да создаде партизирана администрација.

„Можна е и таа опција, особено ако не бидеме вклучени како социјални партнери, значи повторно ќе се сака ,,на мала врата“ нешто да се протне како што тоа го направија со законот за работни односи.“

Според постоечкиот закон кој почна да се применува лани во септември, вработените одат во пензија кога ќе го исполнат единствениот услов, односно староста. Според него, жените се пензионираат на 62, а мажите на 64 години.
XS
SM
MD
LG