Достапни линкови

logo-print

Во Владата очекуваат дека документот ќе биде потпишан под уставното име


Македонија и Косово ќе воспостават дипломатски односи штом ќе бидат завршени сите технички и протоколарни подготовки за тоа, велат во Министарството за надворешни работи. Најверојатно ќе биде потпишана спогодба за воспоставување дипломатски односи и тоа во период од една или две седмици без прецизно наведување на таквиот датум, како што претходно изјави вицепремиерот во Владата Абдулхаким Адеми излегувајќи со прецизна најава дека тоа ќе се случи в среда оваа недела. Од Владата велат дека се очекува документот да биде потпишан под уставното име. Би било голем пропуст и значително би се нарушиле односите доколку не биде така, вели Влатко Божиноски од Институтот за демократија.

„Ќе биде многу голем пропуст и може многу да се нарушат односите, доколку Косово на некој начин реши да и се додвори на Грција за да издејствува свое признавање и да почне да и се обраќа на Македонија со привремената референца ФИРОМ. Тука гледам само еден можен проблем доколку се случи иако искрено не верувам дека тоа ќе се случи.“

Најголема извесност постои околу името на првиот амбасадор на Република Македонија во Косово- амбасадорот Стојан Карајанов. Наскоро потоа и Косово ќе отвори своја амбасада во Скопје. Во меѓувреме, како што информираат од Министерството за надворешни работи интензивирана е демаркацијата на границата кон Косово и се очекува процесот да заврши на 1 ноември. Се очекува дека по воспоставувањето на дипломатските односи со Косово ќе бидат интензивирани и контактите со новиот сосед на северната граница во повеќе области. Стопанската соработка која и сега се одвива на задоволително ниво ќе продолжи и понатаму, во контекст на воспоставените дипломатски односи таа ќе може да се одвива полесно, проценуваат експертите:

„Најважно во секој случај е онаа трговска, економска размена со Косово, треба повеќе да се развиваат односите. Бидејќи до сега ние некако како прикрено да соработувавме со Косово, можеби за да не се навреди Србија итн, итн.“

Вели Божиноски. Во таа насока веројатно ќе биде потребно да се развие и засега лошата инфраструктура кон Косово, додава Божиноски.
XS
SM
MD
LG