Достапни линкови

При ,,тет а тет“ средба детали во јавноста не се изнесуваат


Во дипломатијата постојат ,,тет а тет“средби, како онаа меѓу премиерот Никола Груевски и генералниот секретар на НАТО Јаап Де Хоп Схефер, но кога не е предвидено соопштение или обраќање во јавноста, детали од таквите средби во четири очи не се објавуваат, објаснуваат поранешни македонски амбасадори откако вчера ден по средбата Схефер – Груевски, од НАТО пристигна реакција поради откривањето на детали за кои според нив не се разговарало, од страна на македонскиот премиер. Имено Груевски изјави дека на средбата со Схефер го отворил прашањето за нередите во Леринско и посочи дека добил ветување од генералниот секретар дека ова прашање ќе биде отворено на амбасадорски состанок на Алијансата и дека ќе биде побаран одговор од Грција. По изјавите на македонскиот премиер реагираа од Алијансата со појаснување дека НАТО нема право да има видување по овие прашања и со порака дека очекуваат, како што ги дефинираа, приватните разговори, да останат приватни:

„Во принцип кога ќе има разговори во четири очи или меѓу две делегации, секогаш треба да се води сметка што се објавува за да нема проблеми со другата страна“

„Не само тогаш туку апсолутно од приватни средби, било за што да станало збор, не се изнесуваат детали“


Изјавуваат поранешните македонски амбасадори Ристо Никовски и Махи Несими. Според Несими неможе да се рече дека овој настан може да ни наштети во севкупните релации со НАТО, бидејќи вели тие не реагираат врз емоции, но предупредува дека шпекулирањето во јавноста со темата на разговори во таквите средби, од некоја од страните, постои ризикот да се изгуби довербата кај соговорникот:

,,Не се добри тие работи, се губи довербата се губат пријателите“

Со ваквиот став на Несими се согласува и амбасадорот Ристо Никовски:

„Се влијае, и доколку тие реагирале негативно сигурно дека ќе има негативна нагласка.“

Но, Никовски уште и додава дека во такви ситуации во дипломатијата се прави проценка, доколку информација е во корист на државата, според него се пласира во јавноста:

„Ако тоа што е објавено има некоја корист за нас, апсолутно треба да се поддржи.“

вели амбасадорот Никовски.
XS
SM
MD
LG