Достапни линкови

Треба да го повториме успехот од претходните натпревари, велат во репрезентацијата


Рејкјавик, односно Исланд, е новата дестинација на македонската фудбалска репрезентација во квалификациите за СП кое по две години ќе се одржи во Јужна Африка. На вулканскиот остров денеска од 20 часот по македонско време, играме меч во кој како ретко кога имаме улога на фаворит, а со тоа и императив за освојување на трите бода. Обврска која ни ја наметнува многу подобриот рејтинг и рекордното 46-то место на ранг листата на ФИФА, до кое дојдовме по победата над Шкотска и рамноправната игра со Холандија. Успех со кој се вклучивме во трката за втората позиција и за баражот за пласман на Мундијалот, а за што во прилог ни одат и другите резултати во групата 9, каде настапува и националниот тим на Норвешка. Поволен сплет на околности кој внесува дополнителен оптимизам, но не смее да не опушти бидејќи ако во Исланд:

,,Не го потврдиме она што го почнавме на првите два натпревари, колку и да одат во прилог другите резултати нема многу да значи.“

Опоменува голманот Петар Милошевски, чиј рецепт за успех вечерва гласи:

„Не смееме да се залажуваме дека Исланд е репрезентација која лесно се победува. Затоа ќе ни треба присебност да играме стрпливо, да играме на победа, но не по секоја цена, значи да се концентрираме на нашата игра и така да го градиме резултатот.“

Додава Милошевски, со кого се согласува и нашиот најдобар фудбалер во моментов Горан Пандев. Според него, во Рејкјавик не очекува противник кој ќе оди на победа, а бодовите ќе му припаднат на оној кој ќе биде поконцентриран во нападот.

„Сигурно дека ќе биде отворен натпревар и мислам дека треба да сме концентрирани и од една шанса треба да постигнеме гол, бидејќи ова се такви утакмици во кои неможе да се направат многу шанси, но и да има една треба да се искористи.“

Вели Пандев, додека за капитенот Гоце Седлоски иако противникот заслужува респект, сепак се зависи од нас.

„Исланд е тешка репрезентација, како и сите, доколку не ,,влеземе“ максимално на теренот. Знаме Исланд имаат добри играчи кои играат во премиер лигата и во Барселона, но ние не треба да се заморуваме со тоа доколку условите за игра бидат добри, мислам дека може да направиме добар резултат и нема од што да се плашиме.“

Истакна Седлоски, кој токму во Исланд пред 12 години го имаше своето квалификациско деби во дресот на македонската репрезентација.
XS
SM
MD
LG