Достапни линкови

logo-print

Владата уверува дека ветувањата ќе бидат исполнети, експертите резервирани


По најавите за изградба на елитната населба Сончев град во општината Сопиште и информациите од неколку скопски општини за градење на стокатници, од владата уверуваат дека ветувањата ќе бидат исполнети во предвидениот рок.
Откако земјиштето беше префрлено во сопственост на израелската IBC компанија која се јавува како инвеститор, сега тече рокот во кој новиот соственик треба да добие дозвола за градење од надлежната општина, но проектот Сончев град треба да биде готов за четири години, велат од министерството за транспорт и врски.
Неизвесно е дали овие проекти ќе бидат реализирани, но за јавноста праксата на пред и постизборни ветувања е општопозната. Честопати ветувањата и капацитетот за нивно остварување се разидуваат, вели политичкиот аналитичар Хисен Рамадани

„Обично во понеразвиените земји, а посебно во земјите кои се среќаваат со кризи. Оваа дистанца меѓу ветувањата и можностите е поголема. Во кризни ситуации, владите се посклони за да добијат наклоност на поголем дел од гласачите да даваат ветувања што не се способни да ги реализираат.“

За Жидас Даскаловски од Центарот за истражување и креирање политики ветувањата имаат политичка позадина и се обид да се придобие гласачкото тело.

„Ефектот е и политички, во смисла да се каже ние ја остваруваме нашата програма и очекуваме дека вие како граѓани и натаму ќе не поддржите.“

Единствениот начин да се казни неисполнувањето на ветувањата е на следните избори да се гласа за друга алтернатива, вели Даскаловски:

„Она што е битно е остварувањето, не се битни меморандуми за разбирање, меморандуми во најава, меморандуми за намери, туку дали тие инвестиции реално ќе дојдат, а тука единствена процедура преку која граѓаните може да го кажат својот став или евентуално да казнат е преку изборите.“

Но, за Рамадани изборните циклуси не се најдобриот начин да се казни одредена влада за неисполнетите ветувања. Она што ни треба, посочува Рамадани е јака критика од опозицијата.

„Ние имаме впечаток како да се заборава во јавноста, бидејќи одлгасот во јавноста од таа критика на опозицијата или граѓанското општество, најчесто нема ефект, затоа што јавноста нема доверба или не е на ниво да се потпре на нивното мислење.“
XS
SM
MD
LG