Достапни линкови

Над 30 повредени и голем број приведени лица


Над триесет повредени и поголем број приведени лица, е епилогот од синоќешниот протест во Подгорица на дел од опозиционите партии во Црна Гора на одлуката на владата да ја признае независноста на Косово. До немирите дојде на крајот на протестот кога група демонстранти почнала да фрла камења врз полицијата пред црногорското собрание по што бил употребен солзавец.

Нередите и судирите меѓу полицијата и извесен број на учесници во протестот против црногорското признавање на Косово траеа најмалку два часа и тоа во неколку делови од Подгорица.

Агенциите јавуваат дека имало многу искршени излози, превртени контејнери и искорнати билбоарди и сообраќајни знаци. Еден од организаторите на собирот Василие Лалошевиќ од Социјалистичката народна партија изјави дека на организаторите не им било од интерес да дојде до нереди:

„Јас апелирав дека осумдесет насто од граѓаните на Црна Гора во овој момент навистина се противат на одлуката за признавање на Косово. Таа атмосфера доминираше и пред Собранието, но на некој кој сака да го намали тоа мнозинство веројатно му одговора да дојде до инциденти.“

Изјави Лалошевиќ кој претходно, отворајќи го собирот ги прочита барањата на опозицијата: до среда владата да ја поништи, како што рече, нелегалната одлука за признавање на независноста на Косово и Собранието да распише референдум на кој граѓаните ќе се изјаснат за ова прашање. Во спротивно опозицијата бара од шефот на државата да распише вонредни избори до крајот на годинава. На собирот присуствувал и митрополитот на Српската православна црква Амфилохие кој оцени дека признавањето на Косово е најголем срам за Црна Гора:

„Тоа е најсрамно предавство на Црна Гора. Тоа е предавство на Црна Гора. Никој нема право затоа што времето го исфрли и му даде власт да го предава сето она од што се состои нашето достоинство.“

На митингот под мотото ,,Образот е поважен,, се собраа околу десет илјади луѓе кои носеа српски знамиња и извикуваа пароли против црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ. Владејачката Демократска партија на социјалистите веднаш ги осуди нередите по улиците на Подгорица и нападите врз полицајците. Во соопштението се оценува дека одговорноста за вандализмот е врз организаторите кои, како што се додава, не биле во состојба на демократски начин да ги искажат своите политички идеи. Во меѓувреме, полицијата соопшти дека нема да дозволи одржување нов протестен собир што опозицијата го најави за шеснаесетти овој месец.

Ентитетите во Босна и Херцеговина се повеќе се одалечуваат, оценуваат тамошните аналитичари за ситуацијата во таа држава. Според нив, политичките лидери пак, едвај чекаат некоја можност за да ја покажат неслогата, а не да се ангажираат на проблемите со кои се соочуваат сите без оглед на тоа каде живеат.
XS
SM
MD
LG