Достапни линкови

За Брисел е важна суштината, а не формата, потенцираат и од ЕУ и домашните експерти


Исполнувањето на европските критериуми неможе да се оценува во проценти, за Европската Унија е најважно дали се тие исполнети или не и најбитно на кој начин, велат извори од Европската Унија, на изјавите кои доаѓаат од владата дека Македонија исполнила 90 отсто од критериумите што ни се поставени од Европската Комисија и согласно тоа очекува Брисел да констатира сериозен напредок во реформите. Ваквите позитивни проценки на владата се темелат врз основа на донесените закони со европски предзнак во Собранието предвидени за 2008-та година, но на ова наши извори од Унијата потсетуваат на силните критики на Брисел за донесувањето на закони по итна постапка во Собранието и додаваат дека за ЕУ е битно и како овие закони ќе се имплементираат во пракса. Дека за Унијата е битна суштината, а не формата, се согласува и домашната стручна јавност. Проценките на Европското движење на Македонија за нашата успешност во реализирањето на европските реформи не се совпаѓаат со оние на владата:

„Мислам дека е малку претерано, и самиот метод на квантифицирање на постигнатите резултати. Сигурно е дека на тој начин неможе да се квантифицираат тие. Меѓутоа во однос на законодавството, донесен е еден број на закони кои што вистина не приближуваат кон Европа. Друга работа е механизмот на имплементација и самата имплементација која сега ни претстои.“

Вели професорот Димитар Мирчев, претседател на Европското Движење. Владата нотира и успех во искористеноста на фондовите од Европската Унија од страна на Македонија. Според нејзините податоци европските средства од КАРДС програмата, сме ги заокружиле со 97 процентна искористеност, додека користењето на ИПА фондовите сеуште е во тек. Најголем дел од средствата се одвојуваат освен за подршка на политичките и економските реформи и за процесот на децентрализација. За тоа како во пракса тече искористеноста на ЕУ фондовите градоначалникот од општина Куманово Зоран Дамјановски вели:

„Ние конкретно она што сега го работиме од ЕУ фондовите, е едношалтерскиот систем, а друго нешто сме немале можност да добиеме.“

Изјавува Дамјановски.
И според експертите досегашното искуство покажува дека Македонија не доволно ги користи средствата од Европската Унија. Професорот Ванчо Узунов потенцира:

„За жал Македонија многу слабо ги користи тие средства, речиси и не ги користи. Затоа што не го знае тој начин, на тие процедури кои што треба да се воспоставата за ефикасно и ефективно користење на тие средства.“

Вели професор Узунов.
XS
SM
MD
LG