Достапни линкови

logo-print

Петар Гошев, гувернер на НБМ. Македонскиот банкарски систем е здрав и стабилен


Господине Гошев на кој начин глобалната финансиска криза се одразува и врз Македонија?

Глобалната финансиска криза не покажува знаци на влијание во Република Македонија до овој период. И таа нема да покаже поголеми директни знаци на влијание, затоа што македонскиот финансиски систем не е интегриран со меѓународниот. Македонскиот финансиски систем во 90 насто го сочинува банкарскиот сектор и не е воопшто изложен кон инструменти коишто се поврзани со изворите на оваа криза, хипотекарната криза во САД. Значи, македонските банки не се изложени во пласмани и банки кои страдаат од оваа финансиска криза. Постојат индиректни влијание.

Кои се тие?

Во моментов сеуште ниту тие не се почувствувани. Можно е да поскапи капиталот. Поскапува капиталот и оние банки или финансиски субјекти кои користат странски кредитни линии потешко ќе доаѓаат и ќе доаѓаат со повисоки камати и тоа може да ги поскапе кредитите на таквите финансиски субјекти коишто користат такви кредитни линии. Меѓутоа и тука има среќна околност за македонскиот банкарски сектор. Македонските банки претежно кредитирањето го вршат врз основа на домашните депозити, на приватниот сектор. Значи, исто така не коритат кредитни линии од странство. Може да има индиректно влијание врз извозната побарувачка. Но, во моментов ние сеуште немаме поголеми проблеми од тој вид. Значи, тие индиректни ефекти може да ги почувствуваме и да има влијание на забавување на стапката на економскиот раст или да не се постигне планираното. Други негативни ефекти не очекувам лично во догледно време, се разбира, зависи од длабочината на светската криза.

Постои ли ризик за зголемување на каматните стапки?

Каматните стапки на централната банка ја зголемувавме во овој период откако почна да се зголемува инфлацијата и таа требаше да влијае врз каматните стапки на банките, но тие до сега беа претпазливи во следењето на сигналите од централната банка. Можно е да има зголемување на каматните стапки. Но, тоа се нормални процеси во економијата, некогаш ќе се симнуваат некогаш ќе се качуваат каматните стапки. Битно е прашањето на здравоста на финансискиот систем.

Сметате ли дека финансискиот систем е стабилен?

Македонија и во најтурбулентните моменти, кога имаше најголеми екстерни или интерни шокови не доживеа банкарска криза. А, ова е период кога банкарскиот систем во Македонија ја има највисоката точка на здравост. Така што, може без трошка ризик да се каже дека македонскиот банкарски систем е здрав, дека банките се добро капитализирани, дека тие се високо ликвидни и дека нема никакви опасности, никакви сериозни точки на слабост во банкарскиот систем, коишто би можеле да прозвучат како случаите кои денеска се среќаваат во Европа, САД и други пазари.

Во случај на влошување на ситуацијата, колку се сигурни депозитите на граѓаните?

Депозитите на граѓаните зависат од стабилноста на банките во целина. Штом тие се стабилни, здрави, добро супервизирани, депозитите на граѓаните се сигурни. Тие се гарантираат до определен степен и со законите на државата, но тие најдобро се гарантираат ако финансискиот систем е здрав. Македонскиот финансиски систем, којшто повторувам со 90 насто од активата го прави банкарскиот сектор мошне здрав.

На последната средба со мисијата на ММФ кон крајот на минатиот месец беше дадена забелешката дека инфлацијата во Македонија е нагло зголемена. Беше оценето дека до крајот на годинава таа треба да биде под шест насто, а во наредните години нивото да биде три проценти. Како би го постигнале ова?

Прво, инфлацијата влезе во Македонија преку екстерните фактори, храната и енергијата. Многу помалку се влијаеше со домашната побарувачка и некои домашни фактори. Така што, одговорот не беше едноставен. Бидејќи е увезена, требаше да се почека да се смират случувањата во прехрамбениот сектор, и енергетскиот сектор. Тие почнаа да се смируваат. Ние презедовме мерки како централна банка, ги зголемивме неколку пати нашите камати. Преземавме мерки за забавување на кредитниот раст и затоа инфлацијата почна да се намалува. На годишно ниво во септември инфлацијата изнесува 7,1, очекуваме наредниот месец да има пад, а месеци наназад проектиравме дека инфлацијата на годишно ниво ќе биде околу 6 или под 6 проценти. И доколку нема други крупни шокови, а нема многу време за влијание врз инфлацијата од било какви производи и услуги во земјава, така што речиси е сигурно дека на крајот на годината ќе заврши околу 6 или под 6 насто.

ММФ исто така како проблематично го оцени и зголемувањето на дефицитот на тековната сметка, што е во овој сегмент?

Конечно македонската економија почна да остварува повисоки стапки на раст. Тие стапки и таа динамика е мошне добра, но таквата динамика произведува други ризици. Се појави пораст на инфлацијата, тоа е ставено под контрола, но истовремено овој динамичен раст на економијата заради зависноста на македонската економија од увоз го зголеми и трговскиот дефицит. Тоа е структурно прашање. Тоа е проблем и тој за сега се менаџира успешно заради приливите од капиталната и финансиската сметка. Значи, она што го трошиме и го имаме како негативна разлика меѓу увозот и извозот се покрива со другите видови приливи од капиталната и финансиската сметка на платниот биланс, посебно од странски директни инвестиции, дознаките коишто се помали од изминатиот период, но продолжуваат во добри количини да го покриваат трговскиот дефицит. Значи, на краток рок немаме проблеми во менаџирањето на трговскиот дефицит, но на средн и долг рок мора многу да се внимава во врска со тоа прашање.

Во јавноста постојано се пласираат различни информации околу висината на странските инвестиции. Според податоците на НБМ колкава е висината на странските инвестиции во земјава?

Заклучно со јули месец странските инвестиции изнесуваат 301 милион евра. Тоа е многу повеќе од минатата година. Ако го погледнеме само банкарскиот сектор, јас можам да кажам дека за период од една година влегоа пет шест странски инвеститори во банкарството, се изврши трансформација на акционерската структура на исклучително позитивен начин.

Колкав економски раст е потребен за граѓаните да го почувствуваат тоа?

Шест отсто реален раст на БДП не е мал раст. Но, за да можат граѓаните да го почувствуваат тоа треба многу години тоа да се повтори. Затоа што имаме ниско ниво на доход. Имаме висока стапка на невработеност. Континуиран раст на БДП повеќе години од шест отсто и континуираното намалуавње на стапката на невработеност, кога таа ќе почне да се намалува и ќе се приближи кон стапката на невработеност во ЕУ, па дури и во опкружувањето дефинитивно ќе го почувствуваат граѓаните на Република Македонија. Ништо не може да се случи преку ноќ. За се треба процес. Полесно се доаѓа во криза, отколку што се излегува, прашањето е само на одржливоста. Ако тие стапки се одржат на среден и долг рок, дефинитивно ќе се почувствува.
XS
SM
MD
LG