Достапни линкови

САД ја поздравува одлуката, а Русија смета дека чекорот е донесен под притисок на Западот


Соединетите Држави го поздравија признавањето на независноста на Косово од страна на Македонија и на Црна Гора, наведувајќи дека таквата одлука е во корист на целиот регион. Според Рускиот амбасадор во Белград пак Македонија и Црна Гора биле условувани од Запад во врска со нивната евро-атланска интеграција. Реакции по синоќешните одлуки на Скопје и Подгорица.

Признавањето на Косово од страна на Македонија и Црна Гора ќе ја продлабочи регионалната соработка, што ќе биде од корист на цела Југоисточна Европа и ќе ја олесни интеграцијата на регионот во евроатлантските структури, изјави портпаролот на Стејт департментот Шон Маккормак. Тој наведе дека расте бројот на држави кои го признаваат Косово и оти напредокот на Приштина е стабилен. Меккормак изрази надеж дека во идните месеци и други држави ќе го признаат Косово. Според рускиот амбасадор во Белград Александар Конузин, Македонија и Црна Гора биле уценувани од одредени држави во врска со нивните европски интеграции. Во извештаите на новинските агенции се наведува дека Македонската влада била под притисок на големата албанска етничка заедница во земјата да се признае независноста на Косово. За официјален Белград одлуката на Скопје и Подгорица, како што пренесуваат светските агенции, е предавство. Сепак директорот на Белградскиот центар за слободен пазар Мирослав Прокопијевиќ не верува дека освен дипломатски се можни и економски мерки.

„Како да не. Па, то би била целосна бесмислица. Каква блокада. Тоа едноставно е признавање на реалноста. Нема тука никаква потреба за некоков циркус. Доста гледавме циркузи изминативе години.“

Удар врз Белград веднаш по добиената подршка во Обединетите Нации за резолуцијата на Србија со која од Меѓународниот суд на правдата се бара советодавно мислење за законитоста на косовската независност и поени за Приштина во битката за меѓународно признавање, кометираат странските медиуми давајќи му големо значение на чинот на Подгорица и Скопје, нотирајки дека сега Босна и Херцеговина е единствената земја од регионот која не го има признато Косово. Аналитичарот Мељазим Красниќи од Приштина вели:

„Ова признавање покажува дека е надминат српскиот притисок и дека Македонија и Црна Гора сами одлучуваат за своите национални интереси согласно Балканските и европски интеграции.“
XS
SM
MD
LG