Достапни линкови

Во Белград задоволство, Приштина смета дека иницијативата не е во согласност со евро интеграциите


По одлуката на Генералното собрание на Обединетите нации да ја поддржи резолуцијата на Србија со која од Меѓународниот суд на правдата се бара советодавно мислење за законитоста на прогласената независност на Косово. Белград оценува дека тоа е успех на српската дипломатија. Приштина пак, со жалење констатира дека ваквата иницијатива на Србија не во согласност со европските интеграции.

Во Белград одлуката на Генералното собрание со мнозинство гласови да го поддржи српскиот предлог за оценување на косовската независност е пречекана како голема победа на српската дипломатија и како потврда на нејзината политика спрема Косово. Претседателот на Србија Борис Тадиќ изјави дека успехот на српската иницијатива во Генералното собрание ја спречува кризата во меѓународниот правен поредок до која може да дојде доколку и други територии ширум светот се обидат да се одвојат од матичните држави. Министерот за надворешни работи Вук Јеремиќ пак, по изгласувањето на резолуцијата изјави дека не станува збор само за победа на Србија, туку и за победа на меѓународното право и на правдата во меѓународните односи.

„Мислам дека нашите правни аргументи ќе надвладеат. Но, она што е најважно е оти конечно успеавме да го префрлиме прашањето за идниот статус на нашата јужна покраина од политичка на правна арена. А, тука нашите шанси се најдобри.“

изјави министерот Јеремиќ. Веднаш по усвоената резолуција реагираа и косовските лидери, наведувајќи дека независноста на Косово е неповратен процес. ,,Веруваме дека и натаму ќе има нови признавања и оти барањето упатено во судот во Хаг нема да им пречи на земјите да го поздрават напредокот на Косово и решат да го признаат,, изјави косовскиот претседател Фатмир Сејдиу. За премиерот Хашим Тачи пак, одлуката на Генералното собрание не е победа на Белград, бидејќи како што изјави, и Србија нема да мине без последици. ,,Белград со оваа инцијатива си наметна товар кој нема да го одведе во структурите на Европската унија и НАТО. Колку ова е лошо за Косово, толку ќе биде бумеранг за Белград,, изјави Тачи.

„Продолжуваме со најголема сериозност да работиме почитувајќи ја филозофијата на регионалната соработка, како и евроатлантските интеграции за надминување на кризите. Овој предлог на Белград е продлжување на политиката од минатото.“

Изјави премиерот Тачи. Во заедничкото соопштение на косовските институции се наведува дека Приштина активно ќе учествува во претставувањето на случајот пред Судот и оти очекува на крајот да биде поддржана независноста на Косово. Инаку, кога ќе го добие барањето од Генералното собрание на Обединетите нации, Меѓународниот суд на правдата сам решава за динамиката на разгледување на случајот, односно дали тоа ќе биде по итна постапка или во редовна процедура. На оценката на тој суд може да се чека и неколку години, а неговите одлуки не се обврзувачки. Затоа, повеќето аналитичари во Приштина сметаат дека одлуката на судот не може да има правно влијание врз независноста на Косово, туку дека може да го забави процесот на признавање. Од друга страна одделни српски експерти порачуваат дека оваа акција на српската дипломатија ќе биде празна победа доколку до крајот на годинава Белград и Брисел не се договорат околу нивната заедничка улога на Косово.
XS
SM
MD
LG