Достапни линкови

Постои индиректно влијание преку намаленото кредитирање на населението и зголемување на трошоците


Моменталната хипотекарна криза во светот, засега нема влијание врз цената на недвижностите во земјава, велат упатените во сверата на градежништвото. На високите цени на становите во Македонија, раст забележан во последнава година, влијаеа други причини, изјавува Александар Симов од градежната индустрија, кој сепак предупредува дека поради финансиската криза која ,,го тресе„ светот треба да се биде претпазлив:

„Значи конкретно за становите, во моментов светската криза не влијае, освен индиректно. Пред се дека веќе се чувствува дека банките стагнираат во однос на кредитирањето, во однос на пласманот на капитал.“

Според архитектот Митко Пренџов корелација меѓу случувањата на финансискиот пазар во светот и влијаението врз цената на недвижностите во Македонија, може да се најде евентуално во зголемувањето на трошоците, односно поскапувањето на потрошниот материјал:

„Глобалната финансиска криза влијае на цените на материјалите, меѓутоа би кажал дека тоа кај нас е енормно.“

Во Скопје, цената на станбениот простор во центарот на градот достигнува и до 1 800 евра за квадратен метар, а во населбите во близина на центарот цената се движи околу 1000 евра па и повеќе, покажуваат податоците од агенциите за недвижности. Главен проблем кај нас што влијае врз поскапувањето на становите, сметаат упатените, е нерегулираниот пазар. Сивата економија, непрецизираните услови, одливот на работна сила од областа на градежништвото, се само дел од причините што најмногу се одразуваат врз растот на цената на станбениот простор, посочува архитектот Пренџов:

„И дополнително законските одредби кои што треба да го регулираат овој проблем им ,,оди на рака“ на високите цени за становите.“

Симов пак изјавува дека во земјава посебно постои потреба од регулирање на долгите административни процедури, што ја одолговлекуваат и отежнуваат процедурата за изградба, што на крајот се одразува на цената.

„Значи ако платите комуналии, проект и сите други регуларни документи да ги соберете за да почнете да градите, тогаш цената веќе се накачила од 350 на 650 евра.“
XS
SM
MD
LG