Достапни линкови

Поделбата на Косово ќе има силни импликации пред се во Македонија и Босна


Поделбата на Косово е реална перспектива, но Европската унија и Соедините држави силно се противат на таквото решение, бидејќи тоа ќе има импликации во регионот, а пред се во Македонија и Босна. Ова за Радио Слободна Европа го оценува Рој Стафорд, американски експерт за Југоисточна Европа и професор на Вашингтонскиот факултет за безбедносни студии. Тој не е е убеден дека наскоро Македонија и Црна Гора ќе ја признаат независноста на Косово.

Косово е веќе поделено и тешко дека тоа ќе може да биде променето и со новата мисија на Европската Унија, вели Рој Стафорд изразувајќи песимизам во врска со напорите на меѓународната заедница која е против секаква поделба на Косово:

„Мислам, отворено кажано, дека ќе имаме де факто поделба. Впрочем така е веќе девет години и не верувам дека Еулекс ќе преземе некои поробусни потези за да го воспостави авторитетот на Приштина на северот на Косово. Битно им е да не дојде до насилство. Не сум сигурен дали ќе дојде и до де јуре поделба, но не сум сигурен и оти ќе биде размонтирана оваа де факто поделба.“

Вели Стафорд, додавајќи дека иницијативата на српскиот претседател Тадиќ за поделба на Косово е реална перспектива, но оти неа не ја поддржуваат Европската унија и Соединетите држави не само поради Косово, туку и поради импликациите до кои може да дојде во регионот, пред се во Македонија и во Босна и Херцеговина. Во врска со тоа уште колку долго Македонија и Црна Гора ќе можат да го избегнуваат признавањето на Косово професор Стафорд вели:

„Не сум сигурен дека двата српски соседа ќе го признаат Косово во догледна иднина. Црна Гора има голем дел од населението кое се изјаснува како српско, а тоа не е безначаен фактор.“

Европската унија, според Стафорд, не бара признавање на Косово. ,,Се што бара е отсуство на конфликти со Косово, а тоа е така меѓу Подгорица и Приштина. Што се однесува до македонската позиција за ова прашање професор Стафорд вели:

„Македонија има значајно албанско малцинство, меѓу една четвртина и една третина од популацијата. Притисокот на тоа малцинство да се признае Косово е многу силен. Истовремено, македонските влади се кревки и принудени на коалиција барем со една партија на етничките албанци. Во таа смисла одлуката на Македонија ќе уследи во некој момент поттикнат од внатрешно политички причини, како например смирување на својата албанска популација. “

Смета Рој Стафорд кој за европската перспектива на Балканот не е голем оптимист. Според него, Унијата, освен уште со Хрватска, во наредната етапа ќе се шири забавено. ,,Во Европската унија постои таканаречен умор од ширење,, вели американскиот експерт кој за ангажманот на Вашингтон на Балканот во контекст на претседателските избори оценува:

„Мислам дека нема да има никаква суштинска разлика. Кој и да победи, Обама или Мекејн, на дневен ред ќе биде економијата, економијата и економијата. Ќе биде тоа претседател, барем во првиот мандат, кој ќе биде свртен кон домашни теми.“

Тоа, како што додава, не значи дека проблемите на надворешен план: тероризмот, Ирак, Иран, Северна Кореа, ќе бидат запоставени. ,,Новата администрација, како и сегашната ќе порача дека Балканот е европски проблем,, вели за Радио Слободна Европа професор Рој Стафорд.
XS
SM
MD
LG