Достапни линкови

Љубомир Фрчковски, професор. Предлогот на Нимиц е историски за неспорноста на македонскиот идентитет на меѓународен план


Ова е период на интензивно американско инсистирање за брзо решение на спорот за името и влез на Македонија во НАТО. Какви се изгледите да се реализира ова, во време пред заминувањето на актуелната американска администрација?

Мислам дека всушност критичната проценка е од македонски аспект, а не од американски аспект. За нас е ова критичен период. Воопшто во нашата понова историја. Тука, можам да направам лична проценка, дека Американците преку оваа консталација на преговори со Нимиц на чело, или преку Нимиц, всушност разбрале дека за нас е важен идентитетот и тој со, условно да кажам, нивен благослов, на еден нов начин се третира во меѓународното право. И затоа, дефинирањето цврсто, во комплексот на ова решавање на проблемот на името, на идентитетот на Македонците, како македонски е историски чекор напред за нас, многу важен, не за нас внатре, ние немаме проблем со нашиот идентитет внатре, туку за неговата видливост и неспорност на меѓународен план. И кој тоа не го согледува тој се занесува околу сопствената позиција, тоа е прво. А, второ е името. Името мислам дека во контекстот на Северна и Горна, сега зборуваме за тој предлог, не е голем проблем за нас, доколку идентитетот е обезбеден. Ние сме тогаш Македонци од северна или Македонци од Горна Македонија. Тоа е решение кое е прифатливо и со кое можеме да живееме, немаме никаков посебен ризик на меѓународен план дека можеме да бидеме под било каква загрозување во тој комплекс, ако е така поставено. Сега, постои трето прашање кое во овој момент додека ние разговараме не е до крај јасно. А, тоа е со која широчина новото меѓународно име ќе се применува. Може да се случи, Американците како гест тој договор дефинитивно да се склопи прифатат тие да не нарекуваат со новото име, за да ја добијат грчката согласност за нашиот идентитет. Но, тоа не може целосно да се наметне, затоа што има држави кои нема целосно да го прифатат, на пример, верувам дека Турција нема да го прифати новото име, туку ќе не нарекува Република Македонија, како и до сега. Не може, во таа смисла тоа целосно и со сигурност да се наметне, дури и ние да се согласиме на тоа. Оттаму, мислам дека ќе одат на генерална препорака, но тоа ќе видиме, во последниот предлог тоа ќе биде јасно, на генерална препорака за што пошироко користење, но без уставни промени. Но, тој пакет, велам, да заклучам е добар пакет и не треба да се пропушти од нашите внатрешни политички лутања, но мислам дека Американците го буткаат тој крој и мислам дека ќе го наметнат до крајни граници. Тоа секако не може да биде без наша согласност, целосно наметнување, но ќе го наметнат до момент на тешко можно одбивање. И добро е што ќе направат така и се надевам дека така ќе направат. И имам искуство во нашата историја со таквиот гест. И уставот е од внатре така направен и Охридскиот договор е на некој начин така направен и сега ова решение на некој начин ќе биде така направено. Не е тоа нов момент, оваа политичка тактика која ја применуваат.

Дали има направено анализа за ризиците од промената на името?

Па, може да се направи проценка, не верувам дека кај нас е направена анализа за било што, меѓутоа може да се направи проценка дека ризиците околу овој контекст, на обезбеден идентитет, видлив меѓународно и гарантиран со меѓународно ново име, Горна или Северна се минимални или не постојат за нас. Меѓутоа, ризиците од одбивање и пропаѓање на тој пакет или негово одлагање и влегување на Македонија во политичка, економска и секаква изолација на трет, четврт колосек од меѓународните интеграции се големи за нас. И се обидуваме јавно да расправаме за нив. Таму ризиците се лоцирани.

Од аспект на меѓународното право, прашање за кое има и поинакви мислења. Имено, зошто Македонија не успеа да издејствува времената спогодба во своја полза?

Па, не знам што точно мислите во своја полза, меѓутоа времената спогодба е документ кој требаше да го бајпасира, затоа се вика и времена спогодба, еден период на тешки, тврди односи со соседот, кои изобилуваа со многу агресивни закани од нивна страна и две блокади. Таа тој елемент успеа да го реши. Не успеа да се наметне како меѓународен договор кој Грција ќе ја обврзе да не не блокира. И во тој дел, тие ја прекршија времената спогодба, јасно, со нивното вето во Букурешт. Наша опција е дали ќе ги тужиме за тоа. Можеме да ги тужиме за тоа ако сакаме, мислам дека се исполнети условите за некаква постапка. Што од тоа политички ќе добиеме, тоа е друга проценка. Меѓутоа, дури и нашите сојузници не беа многу остри во осуда на Грција дека ја крши спогодбата. Гледаа да го решат проблемот, а не да одат на некои правни заврзлами, кои практично никому ништо нема да донесат, а дури и остварувајќи го меѓународното право ефектот од тоа ќе биде долги процеси, но Македонија ќе биде во изолација. Значи, ние условно, ќе ја почувствуваме кризата. Дури и да се задоволиме себе си со таа постапка. Но, велам, од меѓународен аспект, условите се исполнети, може да се води процес против Грција за кршење на времената спогодба.

Какви се шансите од интернационализација на спорот, со кој Македонија се надева да добие меѓународна поддршка?

Мислам дека ако ние овој политички момент не го искористиме, а тоа е свест за проблемот, имаме многу мали шанси со водење правни спорови во ОН, во ЕУ, било каде. Нас едноставно ќе не казнат. Ќе не остават на страна. Ако не остават на страна, нашите најголеми пријатели, можете да претпоставите дека Европјаните ќе бидат многу погруби со нас. Можеме да плачеме, да се жалиме, но не гледам каков политички меѓународен ефект тоа ќе има за нас. Тоа е неизвесна иднина. Јас како граѓанин на Македонија не си ја препорачувам таа иднина.

Во делот на нашата амбиција за добивање датум за преговори со ЕУ, до каде се границите на една земја членка на Унијата во рамки на ЕУ? Пости солидарност, но постои и праг од аспект на прагматичност, општи интереси, размумност...

Видете, во таа смисла постои академска расправа. И постои реал политика. Реалната политика, со која ние ќе се соочиме, ќе ја почувствуваме е дека истите овие резултати на Македонија кои ги прави, какви и да се тие можат да бидат оценети на два различни начини. Ако го решиме проблемот со името тие ќе бидат оценети позитивно. Дури и оние кои внатре сме сигурни дека не се добри, како реформата на судството. Ако не го решиме тој проблем, тогаш ќе се соочиме со сосема друга оцена на истите резултати. Која ќе биде поразувачка. Немаме никакви шанси за датум и тоа Грција нема да има потреба да става вето, иако се закани со тоа. Ние ќе добиеме лош извештај, ние ќе го добиеме тој лош извештај сега, но тој може да се измени до мај следната година. Ако го немаме решено проблемот, ние ќе добиеме лош извештај перманентно. Од искуствата на Бугарија и Романија тие на нас ќе го вежбаат сега тоа, ќе ги заострат критериумите, реално имаме проблеми со реформите, тоа се ќе дојде на површина и ќе излеземе како да сме црн ѓавол, можеби неправедно, но ќе излеземе такви. Гледате, две различни работи. Може да се жалите дека тоа не е принципиелно. Точно, јас ќе се сложам со вас. Не е принципиелно. Но, така е. И тоа ќе го имаме. Ако го решиме проблемот, ќе ги имаме истите резултати со друг извештај, ќе бидеме живи здрави, ќе го видиме, ако не го решиме ние ќе имаме црн еден – два извештаја на ЕУ за прием. Тука тие ќе ја поштедат Грција од вето во таа смисла. Ние ќе имаме таков извештај да нема шанси да се доближиме. Тоа е мојата прогноза и мислам дека таа е реална.
XS
SM
MD
LG