Достапни линкови

Примањата не стигнуваат за подмирување на трошоците, се жалат граѓаните


Некаде помеѓу покачување на платите само за јавната администрација и на пензиите за десет проценти и со зголемување на цената на парното за повеќе од 60 отсто, најава за 20 процентно покачување на струјата и веќе месеци наназад поскапени прехрамбени производи, се обидуваат да ,,истуркаат“ месечно македонските граѓани. За прв пат по подолго време можеби и имаше одредено покачување на примањата, но и одамна незапаметено толкаво зголемување на цените што ја прави потешка за живот годинава, во насока на ова се движат коментарите на граѓаните и зачуденост како во пресрет на зимата ќе се подмират трошоците:

„Тешко да излеземе на крај. Со пензија, а 1 500 денари се поскапи парното, еве сега и струјата, тешко се живее.“

„Јас сум во стечај од 2005 година, ,,кубурам“ со личниот доход на жената, две деца на факултет, купувам најлоши производи за да се прехраниме.“

„Со 200 евра, колку што е просечната плата само за сметки и нешто може да се купи леб, а млеко секој втор ден. Тешко.“


Иако генерално сиромаштија во земјава погодува поголем број од населението, има и такви кои велат дека се задоволни од живеачката:

„Генерално моето семејство е задоволно, затоа што децата ни работат, а ние имаме добра пензија.“

ни изјави една скопјанка. Според податоците на Заводот за статистика индексот на трошоците за живот во септември годинава во споредба со истот месец минатата година е зголемен за 7, 1 %, а цените на мало за истиот период пораснале за 6,2%. Едно четричлено семејство пак за потрошувачката кошница минатиот месец требало да одвои речиси 12 илјади денари. Економските експерти велат дека примањата заостануваат зад порастот на цените и тоа најчесто под притисок на инфлацијата што е случај и со Македонија:

„Вие може да покачите плати колку сакате, но ако имате 250 илјади невработени тоа не влијае ништо. Секое зголемување на платите назадува зад зголемувањето на цените.“

Изјавува професорот Тихомир Јовановски.
XS
SM
MD
LG