Достапни линкови

Најопасно е за Македонија бидејќи го отвара прашањето за отцепување на еден нејзин дел


Отворање на пандорината кутија со последици врз целиот регион би значела според експертите евентуалната поделба на Косово. За Македонија цехот веројатно би бил најголем. Оттаму многумина од нив не гледаат можност од ваква разрешница на состојбата барем не во разумни околности, иако оваа варијанта сеуште е присутна како можен исход во изјавите на српското раководство.

„Таа спирала многу брзо ќе се рефлектира врз Јужна Србија, потоа и во Македонија па и во други држави како Босна и Херцеговина или Црна Гора, тоа е многу опасно.“

Коментира аналитичарот Мерсел Биљали. Според Професорот Владимир Пивоваров на оваа можна солуција може да се гледа од повеќе аспекти.

„Ако го набљудуваме од првиот аспект кој што се нарекува Призренска лига, ако гледаме од таа дистанца ќе заклучиме дека тоа е многу штетна солуција во однос на нашата држава. Меѓутоа ако гледаме од денешна перспектива, на обединета Европа, значи целиот континент, сите држави во кои влегуваат и Македонија, Србија и Косово, апсолутно незначи ништо.“

Пивоваров потсетува и на можноста евентуалното вакво решение како што вели да ги потпали незгаснатите од минатото националистички страсти во Македонија, кои пак би можеле да се повикаат на меѓународното право и на конкретните искуства кои се честопати негов извор и да побараат референдум за отцепување и приклучување кон единствената албанска држава. Во оваа ситуација Македонија не треба да чека туку што побрзо треба да ги разрешува отворените прашања со Косово и да ги развива односите со својот нов сосед на северната граница, вели аналитичарот Ѓунер Исмаил:

„Македонија во таа смисла се разбира нема што многу да чека, дефинирањето на границата е веќе при крај и треба веднаш да ги продлабочи односите со Косово, тоа значи да следи признавање и редица на меѓудржавни договори кои што се подразбираат во односи помеѓу две независни самостојни држави.“

Сепак македонските аналитичари на евентуалната ваква разрешница гледаат како на радикална и неверојатна која истовремено би ги фрлила во вода и тврдењата на српската држава дека е загрижена за судбината на Србите на Косово.
XS
SM
MD
LG