Достапни линкови

Досегашното искуство покажува дека недоволно ги искористуваме тие средства, велат експертите


Македонија доби нови 244 милиони евра од фондовите за претпристапна помош за периодот до 2010 година. Иако според упатените средствата не се многу, експертите велат дека тие се многу важни за македонската економија, оти нивното користење бара преземање на реформи и воспоставување на процедури за ефикасно користење на парите во држават:

„Битно тие да се користат не само како средства за инвестирање, туку и начин на учење како ефикасно се користат јавни финансиски средства за инвестирање. Во случајот на Македонија иако не се преголеми, се битни и како дополнителни финансиски средства бидејќи ние немаме самите доволно извори на финансии.“

изјави универзитетскиот проф. Ванчо Узунов
Досегашното искуство покажува дека Македонија не ги користи доволно средствата на Европската Унија, вели проф. Зоран Ивановски од Европскиот Универзитет:

„Клучно прашање кое ни се повторува секоја година, е капацитетот на јавната администрација да ги искористи фондовите кои ги нуди ЕУ. Сведоци сме дека низа години Македонија не искорисутваше она што и беше понудено.“

Со ваквиот став се согласува и проф. Узунов:

,,За жал Македонија многу слабо ги користи тие средства, во принцип и не ги користи, затоа што не го знае тој начин, тие процедури кои што треба да се воспостават за ефикасно и ефективно користење на средствата. Ние сме навикнати сеуште на грантови, значи некој да ни поклони пари и да не не праша за што точно сме ги потрошиле, туку како сме мислеле така сме ги потрошиле.“

Според Ивановски правилното искористување на средствата кои се наменети за областите во кои се спроведуваат реформи, треба да го подобрат квалитетот на живеењето и да создадат поволна бизнис клима во земјава.

„Честите обивнувања во изминатите години, би било добро да се направи еден пресврт во начинот на трошење на тие пари и да добиеме она што го очекуваат сите, а тоа е поголем квалитет во нашето живеење и подобар бизнис.“

Унијата преку проекти на Европската агенција за реконструкција во изминатите неколку години додели финансиска помош за спроведување на политичките и економските реформи. Агенцијата раководи со портфолио од над 290 милиони евра за различни проекти и програми во државата. Во изминатите неколку години дел тие средствата беа искористени за спроведување на процесот на децентрализација, за развој на претприемништвото, за имплементирање на реформите во судството и полицијата. Средствата од ИПА фондовите пак се наменети за за јакнење на институциите и подобрување на управувањето и владеење на правото.
XS
SM
MD
LG