Достапни линкови

logo-print

Менувањето на изборните правила не е гаранција за фер и демократски избори, сметаат експертите


Честото менување на изборните правила, не е гаранција за спроведување на фер и демократски избори, е мислењето на експертите откако власта повторно иницира промени во делот на изборното законодавство. Експертите на став дека клучен чекор што конечно ќе овозможи одржување на регуларни избори во Македонија, не се менувањето на изборните правила, туку вољата на учесниците во политичкиот живот, а можеби и промена на изборниот модел како што сугерира професорот од факултетот на Југоисточна Европа Рухи Бакиу:

„Не, не верувам дека сегашните измени ќе бидат подлога за фер и демократски избори. Кај нас треба да има измена на изборниот модел, односно мислам дека треба да се префрлиме од чист пропорционален систем на избор на пратениците на мешан систем, во кој половина ќе се изберат според пропорционалниот систем, а половина според мнозинскиот систем.“

Во оваа насока аналитичарот од Инстутот за демократија Владимир Божиновски пак објаснува:

„Најубаво е да се избере во моментов политички систем којшто ќе ги сведе тие инциденти на минимум.“

Иако сеуште се во фаза на договарање, промените што ги иницира власта во делот на изборниот законик се во делот на дијаспората со што ќе им се овозможи и тие да гласаат на изборите, како и гарантирање на десет пратенички места за помалите етнички заедници. Во делот на измената на Уставот пак, се предлага целосно укинување на цензусот во вториот изборен круг за избор на претседател на земјата. Професорот Бакиу смета дека предлогот за фиксни квоти за помалите етнички заедници е на штета на втората по големина заедница во државата бидејќи со тоа ќе се овозможи манипулација на Бадинтеровото мнозинство, додека е на мислење дека уставната промена за избор на претседател и не е така лоша:

„Сега за сега ќе имаме реална слика во врска со добиените гласови кои ќе ги добие од страна на граѓаните,“

објаснува професор Бакиу. Наспроти него, аналитичарот Божиновски смета дека загарантираните квоти за заедниците не се проблем бидејќи ќе овозможи тие да не се почуствуваат маргинализирани во политичкиот живот, додека за Уставните измени во делот на избор на претседател тој е на мислење:

„Значи, зошто да правиме неправилности поради тој закон кога тоа може да се избегне? Тоа е од една страна, а од друга страна треба да се размислува дали е паметно и колкав ќе биде легитимитетот на новиот претседател доколку нема воопшто цензус,“

смета Божиновски.
XS
SM
MD
LG