Достапни линкови

Буш вети дека ќе работи со лидерите на Конгресот за наоѓање излез од кризата


Претставничкиот дом на американскиот Конгрес го отфрли законот со кој на министерството за финасии му се овозможува да потроши седумстотини милијарди долари за спасување на поголемите банки во земјата и можеби да го спречи целосниот колапс на американскиот финансиски систем. Сенатот може да гласа за истиот предлог веќе утре, но доколку претходно во второто гласање тој ќе биде усвоен во Претставничкиот дом.

Против планот со кој се предвидува интервенција на државата во приватниот сектор без преседан во американската историја, гласаа скоро две третини од републиканските пратеници. Буш изрази разочараност од гласањето, но најави дека ќе продолжи да се бори за планот за економски спас.

„Изложивме план кој беше голем затоа што имавме голем проблем. Ќе разговарам со моите економски советници и ќе работам со членовите и лидерите на Конгресот за да најдеме излез од кризата.“

Изјави Буш. Продолжување на работата во изнаоѓање решение најави и министерот за финансии Поулсон. ,,Ова е премногу значајно за да пуштиме да пропадне. Треба да работиме што е можно побрзо,, изјави тој, додавајќи дека мора да се најде план што ќе мине во Конгресот. Тоа, според Поулсон, е неопходно со цел да се намали големиот притисок врз пазарите во светот. На одбивањето на законот во Претставничкиот дом веднаш реагираше берзата во Њујорк со најголем пад на идексите. Падови од над четири проценти изутрината забележаа и другите светски берзи.

Инаку, првичниот план на Поулсон од три страници и даваше на американската администрација овластување, без никаква контрола, да ги користи парите на даночните обврзници за исплаќање на хипотеките кои ги држеа финансиските фирми, а кои останаа без готови средства. Повеќето во Конгресот и повеќето американци беа против планот, но во преговорите меѓу Домот и Сенатот се најде компромис од сто и десет страници. Во новата верзија, меѓу другото, се предвидува трошењето на предвидените седумстотини милијарди долари да биде надгледувано од нов двопартиски конгресен комитет. И покрај ваквата ревизија, некои когресмени како републиканецот од Тексас Џеб Хенсарлинг останаа на ставот дека планот премногу се базира врз даночните обврзници кои треба да ги плаќаат долговите на богатите, односно на оние што ја создадоа кризата. Тој и со предупредување дека на таков начин ќе се поткопа основата на американскиот капитализам.

„Страхувам дека со овој план, во крајна линија федералната влада ќе стане единствениот гарант. Тоа не става на лизганицата кон социјализам.“

Против планот е и економскиот аналитичар Вилијам Нискенен кој сепак смета дека е неопходно да дојде до промени во американскиот систем.

„Мислам дека финансиската заедница во Соединетите држави е преголема и затоа имаме пропаѓање на овие големи институции. Премногу паметни млади луѓе се инволвирани во финансиите, а тоа на подолг рок не е продуктивно.“

Вели аналитичарот Нискенен.
XS
SM
MD
LG