Достапни линкови

Црвенковски со повик до премиерот да биде поодговорен и посериозен


Наместо заеднички изграден став околу последните идеи на Нимиц, по координацијата на премиерот и претседателот разликите се продлабочија. Груевски и Црвенковски излегоа со одделни изјави. Премиерот одбегна да соопшти детали од средбата. Го очекуваме новиот предлог на медијаторот кој тој го најави за скоро време, рече Груевски:

,,Во интерес на конструктивноста на процесот, конструктивниот пристап кон господинот Нимиц, па и кон господинот Црвенковски не би изјавувал други детали во врска со овие разговори.”

Црвенковски реагираше веднаш. Го повика Груевски да биде поодговорен и посериозен:

,,Јас ќе ја потсетам македонската јавност дека во подолг временски период господинот Груевски избегнува било какво изјаснување за текот на процесот, и било какви средби на кои се разговара на таа тема, било во или надвор од земјата.”

Како што информираше претседателот, на средбата на премиерот му биле понудени неколку опции, но тој одбил да има средби на преговарачите со медијаторот. Инаку, до средбата на која присуствуваа и министерот за надворешни работи Милошоски и преговарачот Димитров и шефот на кабинетот Протогер, дојде откако Груевски јавно го повика Црвенковски да го информира за состанокот кој го имаше во Њујорк со медијаторот Нимиц. Токму таа средба предизвика и остри препукувања меѓу владата и шефот на државата, откако тој инсистираше на средбата да не присуствува Милошоски. Ваквиот развој на настаните не оди во насока на градење на заеднички став за последните идеи на Нимиц, кој медијаторот би требало да го чуе на средбата којашто според гласините треба да се одржи на почетокот на октомври. На таа средба, како што шпекулираат грчките медиуми, на маса ќе биде ставен предлогот Северна Македонија, кој на преговарачите Димитров и Василакис Нимиц ќе им го претстави како последен. Истовремено во Атина се брифираше и грчкиот државен врв, но во помирна атмосфера отколку кај нас. Како што јавија тамошните агенции, министерката за надворешни работи Бакојани која ја предводеше делегацијата во Њујорк, се сретнала со премиерот Караманлис и го информирала за прашањето за името и за контактите кои ги имала во САД, Брисел и Франција. Како што јавија грчките агенции, по средбата Бакојани соопштила дека процесот е во прогрес и се одвива во сложени меѓународни услови.
XS
SM
MD
LG