Достапни линкови

Ризиците и безбедноста на војниците во мисиите зависи од нивната улога, објаснуваат експертите


Македонските војници кои учествуваат во мировните мисии се соочуваат со бројни ризици, но нивната безбедност зависи од улогата што тие ја имаат во мисиите, коментираат упатените откако вчера конвој возила на АРМ налетал на експлозивна направа во градот Таџи во Ирак. Сите мисии, објаснува професорот Владимир Пивоваров се составени од повеќе национални армии, а секоја од нив врши различна функција
„Некои од армиите има логистика. Значи, таа армија има многу помал ризик и закана по безбедноста. Некои армии ја добиваат и најтешката улога, борбени дејства, потоа кризниот регион, тоа се сите фактори кои одлучуваат каква ќе биде проценката за можните последици од таквата мисија.“
Сепак Пивоваров посочува дека и покрај добрата подготвеност на македонските војници да реагираат во непредвидливи ситуации, тие се соочуваат со тешки безбедносни ризици:
„Она што зависи од нив се е сторено. Но, од друга страна имате непријател и тој ги употребува сите можни средства, тактики и техники за да нанесе штета на мировниците.“
Дека безбедонсите предизвици демнат, покажува и исповедта на еден од македонските војници кој бил дел од мисијата во Авганистан:
„Локалното население, затоа што носиме американска униформа, мислат дека сме Американци. Ама, ние имаме и пушки калашникови, автоматски, па мислеа и дека сме Руси. Со тек на времето, докажавме дека сме Македонци, иако тоа е тешко, затоа што населението таму е доста неписмено.“
Од министерството за одбрана информираа дека во нападот била причинета само материјална штета, а нашите војници поминале без повреди поради како што велат брзата примена на стандардни оперативни процедури и добрата извежбаност за брза реакција во такви ситуации. По несреќата македонските војници се вратени во базата Таџи каде продолжуваат со извршување на секојдневните обврски.
Во моментов околу 200 војници учествуваат во мировните мисии во Авганистан, Ирак и БИХ.
XS
SM
MD
LG