Достапни линкови

Дел од експертите велат дека мора да се протолкува законот за амнестија, други не очекуваат тензии


Меѓуетничните односи ,,на тест“ пред отварањето на Хашките случаи во македонското судство, коментираат експертите по бурниот викенд во кој што собранието на полноќна седница одобри притвор за двајцата пратеници од ДУИ Хисен Џемаили и Хајрула Мисини, обвинети за случаите од конфликтот во 2001-та година, Мавровски работници и Липковска брана. Аналитичарот Хисен Рамадани вели дека отварањето на овие два случаи, нужно ќе ја наметне потребата и за расчистување на сите други настани од времето на конфликтот, што постојано ќе предизвикува тензии доколку конечно не се прецизира и протолкува законот за амнестија:

„Имаме еден закон кој е недоречен, не објаснет и затоа се останува темно и матно. Мора некои работи суштински да се решат, односно барем да се има единствено мислење по тие суштински прашања.“

Наспроти Рамадани, професорот Мирјана Малевска на став дека по повеќе од седум години од конфликтот, во кој интензивно се работеше на меѓетничка доверба овие случувања неможе битно да се одразат врз нив во негативна конотација:

„Помина доволно време да се соземе македонското општество и да се размислува во насока на индивидуализирање на вината, бидејќи само така може евентуално да дојде до поголем степен на меѓуетничка доверба.“

По интензивирањето на случувањата околу судските предмети од 2001-та година, се наметна прашањето за односите во владеачката коалиција, ВМРО ДПМНЕ и ДУИ? Во Демократската Унија за интеграција кусо ни изјавија дека случувањата засега немаат никакви импликации врз односите со македонскиот партнер во власта, а исто деновиве го изјавува и премиерот Никола Груевски. Меѓу албанската експертска јавност пак зачудување од молкот на ДУИ, која директно беше инволвирана во конфликтот:

„Ова што молчи ДУИ за мене е изненадување, за очекување е дека најверојатно има некој договор или што и да е. Меѓутоа мислам дека и двете страни треба да излезат со едно потраспарентно толкување на клучните работи за да ја смират пошироката општествена свест.“

Изјавува аналитирачарот Рамадани, додека професор Малевска вели:

„Мислам дека ДУИ ќе остане во власт и ќе жртвуваат некого.“
XS
SM
MD
LG