Достапни линкови

logo-print

Ендрју Ки, амбасадор на Велика Британија во Македонија. Извештајот на ЕУ ќе биде објективен, со позитивни и негативни страни


Во април изјавивте дека е можно Македонија годинава да добие датум за почеток на преговорите за влез во ЕУ. Какви се вашите очекувања сега, што можеме да очекуваме во ноемврискиот извештај?

Можеме да очекуваме објективен извештај. Јасно е дека извештајот ќе треба да се однесува на целиот период 12 месеци. Објективно ќе ги одразува сите позитивни и негативни аспекти. Од позитивната страна, има многу напредок во неколку сфери, на пример во имплементацијата на Спогодбата на стабилизација и асоцијација, во сферата на подобрување на бизнис климата, полициските реформи итн. Има многу позитивни работи и од политички аспект, на пример, новиот закон за употреба на јазици. Тоа е многу позитивен чекор. Од друга страна, се разбира, имаше проблеми при спроведувањето на изборите и тоа ќе се одрази.

Брисел од друга стрна препорача исполнување на критериумите од Копенхаген. Каде мислите дека најмногу заостануваме?

За мене, изборите се многу важен дел на демократијата. Демократија е основен дел од заедничките вредности на ЕУ. Насилството на изборите не прилега. Многу важно ќе биде сега владата да работи и да направи се што е потребно да ги исполни предлозите и препораките на ОДИХР и да осигура дека тие проблеми нема да се случат повторно.

Сметате дека изборите всушност ќе добијат и најголеми критики од Брисел?

Мислам дека имаше многу голема загриженост во Брисел во текот на изборите и кога се случија насилствата.

Како ја оценувате климата којашто се креира во Македонија кон меѓународната заедница?

Само можам да зборувам за мене и мојата амбасада. Моите односи со Владата, со луѓето во Македонија, во невладиниот сектор се одлични. Јас не чувствувам некоја пречка и ја поздравувам одличната соработка што ја имаме и со владата и со други институции.

Скршнува ли Македонија спорд вас од евро атлантскиот пат? Премиерот неколку пати најави дека имаме и план Б. Сметате ли дека Македонија може да се развива надвор од евро атлантските структури?

Јас не верувам дека Македонија скршнува од евро атлантскиот пат. Бидејќи верувам дека македонските граѓани сакаат да се дел од ЕУ. Има голема надеж во тоа, верувам дека македонската влада работи за приближување на Македонија кон ЕУ и има напредок во тие сфери, во бенчмарките и во главните приоритети на ЕУ. И верувам дека иднината на Македонија ќе биде во ЕУ како земја.

Какви се вашите очекувања во однос на спорот со името? Очекувате ли наскоро да се реши?

Се надевам дека набрзо ќе се најде решение. Јас не сум дел од преговарачкиот процес. Но, го поддржувам многу силно под Обединетите Нации. Го поздравувам фактот што има средби овие недели меѓу двете страни и се надевам дека напорите ќе продолжат многу интензивно, дискусиите ќе продолжат и се надевам дека ќе се најде решение.

Во скоро време?

Во скоро време.

Можно ли е според вас некакво сценарио на подолго по етничка линија во Македонија, ако се земе различното гледање на проблемот со името од албанската етничка заедница во земјата и македонската етничка заедница. А, името се поврзува со евро атлантските интеграции?

Можно е и постојат секакви сценарија. Но, јас верувам дека е во интерес на сите заедници во Македонија, земјата да успее како мулти етничка земја и да биде дел од ЕУ. Има многу заеднички ставови за Македонија да стане земја членка на ЕУ и јас верувам дека е можно да се најде решение за името. Значи, за мене, таков проблем не е од голема можност.

Неколку пати изјавивте дека е пожелно Македонија да ја признае независноста на Косово. До сега такво нешто не се случи иако имаше гласини во јавноста дека признавањето ќе биде наскоро од страна на македонската влада. Зошто сметате дека процесот се одолговлекува и може ли да имаме штети од одолговлекувањето од наша страна?

Ставот на Велика Британија е јасен по ова прашање. Го признавме Косово меѓу првите земји во февруари и се надеваме дека и други земји исто така ќе го признаат, заради различни причини поврзани со земјите, одлуките се донесени во различно време. Тоа е природно. Јас го пренесов ставот на владата на Велика Британија, но одлуката на е на македонската влада.

Кои ќе бидат позитивните страни од евентуалното признавање на Косово коишто би ги имала Македонија и можеме ли да очекуваме некои негативни работи ако го признаеме Косово?

Ние веруваме, како што реков и порано, дека признавањето на Косово ќе биде добро за стабилноста на регионот и стабилен развој на регионот кон ЕУ. Тоа е добро за Косово, за Македонија и регионот.

Еве, Собранието по изборите, е ефикасно, брзо се носат законите, но имаше забелешки од експертите и опозицијата дека нема доволно дебата во Собранието?

Јас бев во Собранието неколку пати и таму видов многу жешка дебата. Верувам дека во Собранието има атмосфера, каде што ќе може да има. Јас верувам дека важна е улогата на комисиите за да има суштинска дебата на прашањата на подлабоко ниво. Сакаме да помогнеме за да има добра поддршка за комисиите. Членовите на комисиите да бидат добро информирани за суштините на прашањата, на пример со нови закони, предлози. Треба да се пренесат искуства во подготовката на комисиите. Тие веќе имаат искуство во Македонија, но се надевам дека со нашиот проект тоа ќе се издигне на ново ниво. Да може да има повеќе врски меѓу Собранието и јавноста во тие дебати. Се надевам дека Собранието ќе може да придонесува кон исполнување на стандардите на ЕУ и ќе биде спремно да биде европско собрание во ЕУ во иднина.

Некои од клучните закони во периодов беа донесени токму без комисиска расправа. Очекувате ли тука евентуално да има критика од ЕУ?

Можно е да има забелешки од ЕУ од тој аспект. За мене и нашиот проект важно е да создадеме структури преку нашата соработка и култура, за да има можност секогаш да има добра дебата, каде што има потреба да има усогласување меѓу партиите и да има добри закони, кои ќе бидат ефикасни. А, кога станува збор за имплементацијата на законите, таа е многу важна.

Како ја оценувате економската соработка меѓу Велика Британија и Македонија во однос на странските инвестиции?

Има неколку големи проекти за инвестиција од Велика Британија. Познат е со Џонсон Мети и тоа верувам дека ќе биде многу успешно. Има интерес и од други инвеститори и верувам дека напорите на владата за привлекување инвестиции и подобрување на бизнис климата се многу важни за уште поголем интерес од нашата земја.
XS
SM
MD
LG