Достапни линкови

logo-print

Штетите во Брисел се нотираат, а ние се оддалечуваме од ЕУ без друг ,,план Б“ сметаат експертите


Македонија се врати назад за неколку години во поглед на аспирациите за членство во Европската Унија и се оддалечува од Брисел, а последиците може да бидат големи, ова е предупредувањето кое го испраќа домашната експертска јавност по заострената реторика меѓу македонската влада и мисијата на ЕУ во земјава. Додека Владата тврди дека се исполнети повеќето од задачите кои што ни се поставени од Брисел во поглед на нашите аспирации и дека пречка претставува само спорот со името со соседна Грција, евроамбасадорот во Македонија Ерван Фуере постојано повторува дека главен услов за добивање датум за преговори за членство во Унијата е исполнувањето на зададените критериуми, на кои што не се работи доволно. Што ја провоција владата на ова однесување, дали таа го напушта европскиот курс или станува збор за ,,нервоза“ предизвикана од претстојниот есенски извештај? Аналитичарот Мерсел Биљали смета:

„Во континуитет дури од почетокот оваа Влада имаше некоја резерва во поглед на ЕУ и тоа го пласираше вешто наводно дека ние не треба толку да го форсираме ова прашање, важно е да ги завршиме домашните задачи и дека потоа ЕУ ќе биде таа што ќе биде заинтересирана за нас. Така што со изминувањето на времето излгеда дека таквата реторика се повеќе се заострува и практично се создава или се посакува еден таков амбиент, во кој граѓаните ќе бидат поиндиферентни кон ЕУ. Во овој поглед може да се каже дека ние сега сме подалеку отколку во 2005 година кога добивме статус на држава кандидат за членство во ЕУ.“

Изјавува аналитичарот Биљали.
Професорот од Филозовскиот факултет во Скопје Биљана Ванковска ваквото однесување го толкува со начинот на работење на актуелната македонска влада, која пред се, според неа повеќе е концентрирана за домашната јавност:

,,За да имате таква позиција треба да имате некои добри резултати и добра дипломатија. Ова што го прави Груевски би рекла дека не е баш дипломатско и затоа ми се чини дека дел од пораките што тој ги испраќа се наменети на домашната јавност. Јас дури мислам дека тука постои јасна ,,математика“ бидејќи тој владее со кампањи и со подгревање на јавното мислење, тој веќе размислува за следната година кога го очекуваат два избори. Иако не верувам дека тој има капацитет радикално да ја смени политиката кон ЕУ, меѓутоа игра така за да ги оствари своите прироритетни внатрешно-политички интереси.“

Експертите со сериозност гледаат на новонастанатата ситуација на релација Македонија – Европска Унија. Треба да се реагира сметаат, но сеуште не може да се рече дека Македонија го презема начинот на однесување на некои поранешни власти од регионот, како на пример Србија чија политика своевремено придонесе за изолација на меѓународен план на оваа земја:

„Значи далеку сме ние од таа ситуација, бидејќи секогаш постојат несогласувања не само во Македонија помеѓу земјите аспиранти за членство и Европската Унија. Тоа беше случај и со Бугарија за проблемот со корупција и во Романија.“

Изјавува аналитичарот Владимир Божиновски од Институтот за Демократија.
Зад ,,спорот со името“ се крие ли македонската влада од недоволно покажаните резултати во исполнувањето на реформите и дополнително искомплицираната ситуација со предвремените парламентарни избори. Професор Ванковска смета дека Македонија не направи доволно во поглед на зададените критериуми од Унијата посебно во пресрет на ноемврискиот извештај. За да реагирате така мора да имате резултати зад себе, порачува таа:

„Тие не верувам дека паѓаат на емоции, на навреди и слично. Така што тој емотивен елемент тие секако ќе го издвојат настрана и можат во себе едноставно да создадат слика дека во Македонија имаат зачудувачки, понекооперативна влада од оние што досега имале прилика да ги среќаваат, меѓутоа не верувам дека тоа ќе биде еден вид на ,,освета“ или дека ќе го влоши самиот извештај. Меѓутоа треба да бидеме свесни дека овие месеци толку малку работевме на оние критериуми што ни беа поставени, така што самиот извештај очекувам да биде и доволно негативен и без да се создаваат некои вакви елементи во него.“

Не заостануваме зад регионот, но секако дека само спорот со името не е главен проблем за нашите европски интеграции, се согласува и професорот и воедно претседател на Европското движење на Македонија Димитар Мирчев, потсетувајќи дека мора да се концентрираме на целосно исполнување на реформите :

„Лично не мислам дека е во прашање само спорот со името, туку има и некои проблеми и потешкотии со остварување на стратегијата внатре во земјата. Сигурно дека доцниме со некои од реперите кои што ни ги зададе Унијата.“

Вели Мирчев.
Аналитичарот Мерсел Биљали отвара и една друга димензија –потсетува на ставот на албанските политички партии во Македонија кои цврсто се определени за членство на државата во европското семејство. Бегањето од таквиот европски пат, може да има сериозни последици во потрагата по други перспективи, предупредува тој:

„Во насока на тоа дека албанците посакуваат ЕУ и НАТО по секоја цена, и другата опција – македонската, која исто така го сака ова но без промена на името. Така што сето тоа предизвикува големи ,,пукнатини“ во политичкиот амбиент кој одделни политичари кои знаат при наши услови многу лесно да ги манипулираат овие состојби, да ги искористат за дневно-политички цели што е многу опасно.“

Сепак коментираат експертите, колку и да се обидуваме да го задржиме европскиот курс и остануваме определени на членството на земјата во ЕУ, водењето на политика на инает од страна на македонската влада, се одразува врз нашите односи со Брисел? Штетите се забележуваат, сметаат експертите:

„И ако секоја членка би создавала ,,инает“ колку и ние, би се распаднала ЕУ. По природа ние покажуваме дека не припаѓаме таму.“

И професор Ванковска се согласува со оваа констатиација на Биљали, но посочува дека ситуации на размена на заострена реторика со Унијата ќе бидат чести и во наредниот период:

„Ќе доаѓа до такви застои, до зголемени притосоци, до успорување или забрзување на тој процес. Тој процес не е мазен, на една страна ги имате државните интереси, заради кои евентуално може да ви страдаат вашите партиски интереси или вашата желба за моќ, тоа нашиве политичари ретко го прават, никако да му дадат приоритет на она што е државен интерес.“

Едно вакво однесување, кога се чини се оддалечуваме од европскиот курс, нужно ја наметнува потребата од постоење на така наречен ,,план Б“. Македонскиот премиер Никола Груевски во неколку наврати изјавува дека доколку Македонија не биде примена во НАТО и доколку се забави интегрирањето во ЕУ, тоа нема да биде крајот на светот, бидејќи државава има потенцијали за економски прогрес и за развој на демократијата. Ако не гледате перспектива во догледно време во НАТО и ЕУ, поради повеќе причини од кои главно се посочува дека влезот во овие меѓународни институции ќе ни биде блокиран од соседна Грција поради спорот со името, тогаш треба да понудите алтернатива, што во моментов не се нуди, посочуваат аналитичарите:

„Долгорочно нема друга переспектива, меѓутоа сигурен сум дека доколку овој процес на забавување на нашата интеграција потрае, државата може да преживее.“

изјавува професор Мирчев. Биљали и Ванковска пак, со поинаков став:

„Одделни аналитичари се подготвени да помислат дека сепак на актуелното водство не и е многу до срцето патот кон ЕУ и сега е во ,,тешка мака“ која е другата алтернатива, која практично не постои. Барем во моментов не постои друга алтернатива.“

„Во однос на тој т.н. ,,план Б“ јас негледам дека тој постои. Едно е реторички да велите, да ние како држава размислуваме за други опции, но еве за мене, како дел од експертската јавност, тој останува тајна.“


Македонската влада изминативе месеци изјавува дека се исполнети 75% од реформите за членство на земјава во европското семејство, додека на последната среда со македонската владина делегација во Брисел, на почетокот од месецов, од нас беа побарани суштински напори за спроведување на реформите за да може да добиеме претпристапни преговори за членство во Европската Унија.
XS
SM
MD
LG