Достапни линкови

Решение што нема да биде прифатено од сите страни ќе биде опасно за државата


Претседателот Црвенковски и министерот за надворешни работи Милошоски по некоклу дневниот престој на годишното Собрание на Обединетите Нации во Њујорк, денеска во Скопје. Делегацијата се враќа со најавата на шефот на државата дека ќе се одржи координативна средба со премиерот за последните идеи на Нимиц изнесени минатиот месец. Кога точно ќе се прецизираат ставовите сеуште не е договорено. Црвенковски пак вчера во своето обраќање пред Собранието на организацијата изјави дека Македонија е подготвена за фер компромис и за разумно решение кое нема да го оспорува нашиот национален и културен идентитет:

,,Се разбира дека ние не сме подготвени да дадеме согласност за какво било решение за едно толку важно национално прашање. Ако резонот за нашето интегрирање во меѓународните институции е со тоа да придонесеме за стабилизирање на државата, тоа значи дека не смееме да дозволиме со лош компромис да бидеме внатрешно дестабилизирани и понижени.“

Каков е тој компромис кој може да не дестабилизра? Според поранешниот министер за надворешни работи Слободан Чашуле тоа би било решението за кое не би го прифатиле владата, претседателот, јавноста и најголемите етнички заедници - македонката и албанската:

„Било какво решение што би можело да се постигне на пример, на шеф на држава кој има право да потпишува меѓународни договори, нема да биде ратификувано во Собранието, а ако евентуално биде ратификувано заради ,,тежината“ на албанскиот глас, тогаш ќе се оди на референдум.“

Лошо решение може да предизвика дестабилизација пред се во македонскиот политички блок, смета аналитичарот Алберт Муслиу:

„Најлош компромис кој би можел да доведе до некои внатрешни дестабилизирачки моменти, поврзани со албанските политички партии, е да не се дојде до решение. Значи албанските политички партии инсистираат на решение.“

Во периодов пак интензивното американско инсистирање за брзо решение на спорот и влез на Македонија во НАТО го повторија и државниот секретер Кондолиза Рајс и нејзиниот помошник Фрид на вчерашните одвоени средби со Бакојани и Црвенковски. Сепак Чашуле смета дека ваквата агенда на Вашингтон нема да се реализира меѓудругото и поради внатрешните проблеми кои ги имаат владите во Скопје и Атина:

„Тешко во овој момент да се најде решение со потребната брзина, а да не биде избрзано. Ставовите на двете држави се дијаметрално спротивставени во овој момент.“

Со слично мислење е и Муслиу. Наведувајќи ги речиси истите причини, тој потенцира и дека Соединетите Американски Држави влегуваат во фаза во која повеке ќе бидат концентрирани на домашните проблеми.
XS
SM
MD
LG