Достапни линкови

Македонските банки ќе мора да ги зголемат цените на кредитите и депозитите, сметаат банкарите


Иако финансиската криза во Соединетите Држави се провлекува на европскиот пазар, а поголемите банки веќе го чувствуваат нејзиното влијание, македонскиот банкарски систем нема да биде директно погоден, велат економските експерти. Но, последици ќе има, предупредуваат банкарите.
Во периодот што следува се очекуваат поголеми цени и на депозитите и на кредитите, вели првиот човек на Тутунска Банка, Ѓорги Јанчовски:

„Очекувањата се дека и македонските банки ќе ја забават активноста за кредитирање како на населението, така и на стопанството и дефинитивно цените како на депозитите, така и на кредитите ќе пораснат во наредниот период.“

Професор Мирољуб Шукаров од Универзитетот на Југоисточна Европа вели дека недоволната развиеност на економскиот систем ќе ги спречи директните влијанија од светската финансиска криза.

,,Имаме среќа што сме т.н. недоволно развиени, и тоа е предноста на неразвиеноста. Колку сте повеќе неразвиени, толку помалку имате развиени пласмани во големите финансиски институции во светот.“

Сепак Шукаров предупредува на индиректните последици во однос на извозната експанзија, односно на намалување на куповната моќ на македонскиот извоз:

„Големи економии како што се индиската, кинеската чувствуваат големи последици заради падот на куповната моќ на американскиот, а сега веќе и на европскиот пазар. Токму отука и ние чувствуваме индиректно, бидејќи еден таков притисок на слободните стокови фондови ќе се пренесе на овој дел од Европа конкуренцијата ќе се зголеми, но и апсорбционата моќ на оние компании кои досега увезуваа македонски производи, ќе опадне.“

Експертите укажуваат дека последниот повик на американскиот претседател Џорџ Буш до Конгресот за одвојување на 700 милијарда долари за излез од финансиската криза, е сигнал дека таквата состојба се продлабочува и се пренесува на европскиот пазар, предизвикувајќи можни подолгорочни финансиски последици. Во прилог на ова е и последната вест од Соединетите Држави, за пропаѓањето на Вашингтон Мјутуал, една од најголемите американски банки, откако Конгресот не ја одобри мерката за интервенција во нивниот банкарски систем.
XS
SM
MD
LG