Достапни линкови

Македонија на 72 место во светот


Водечката независна организација во набљудувањето на корупцијата Транспаренси Интернешнел денеска го претстави годишниот извештај на земјите рангирани по индексот на перцепција на корупцијата. Македонија со индекс од три запирка шест насто се најде на седумдесет и второто место во светот. Регионално, односно меѓу земјите од Југоисточна Европа и Централна Азија, Македонија е на четвртото место, по Турција, Хрватска и Грузија.

И покрај широките реформи и надворешни иницијативи во рамките на процесот за влегување во Европската Унија, на Хрватска, Македонија, Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина не се гледа како на земји кои позначајно ја подобрија нивната антикорупциска позиција, се наведува во извештајот на Транспаренси Интернешнал во кој се додава дека најмногу напредок имаат постигнато Турција и Албанија. Другите земји имаат мала полза од борбата против корупцијата и покрај преземените акции и ветувања на властите оваа борба да ја направат приоритетен елемент на реформите потребни за влез во Европската Унија.

„Пристапувањето кон Европската Унија е многу важна и моќна сила за промени во земјите кои сакаат да и се приклучат на Европската Унија како заначаен економски и политички блок. Сепак, забележуваме дека мора да им се помогне на земјите кои во предпристапниот период се обрзаа да преземат конкретни чекори во справувањето со корупцијата.“

наведува за Радио Слободна Европа Робин Ходс директор во Транспаренси Интернешнал, наведувајќи ги примерите со новите членки на Унијата Романија и Бугарија. Од друга страна, како што додава, корупцијата е присутна и кај постарите членки на Унијата со што се докажува дека борбата против корупцијата треба да се води постојано. Според неа, постојат и земји кои иако зборуваат за борбата против корупцијата не постигнуваат големи резултати. Има и такви земји кои иако во претходните години постигнале извесен напредок, сега бележат застој или назадување во овој процес.

„Понекогаш некоја земја може да направи голем чекор напред во случај на обемен судски процес, или при откривање на некоја голема корупциска афера па да се каже дека таа се наоѓа во вистинска насока. Но, тоа е краткорочно. Треба целиот систем да функционира така што и индивидуланите случаи да можат да се третираат како големи случаи на корупција.“

вели Робин Ходс директор во Транспаренси Интернешнал за најновиот извештај на оваа невладина организација за индексот на перцепција на корупцијата. Инаку, индексот претставува запазување за раширеноста на корупцијата и се прави врз основа на независни истражувања. Највисок е индексот десет што подразбира дека во таа земја не постои корупција. Најдобро рангирани годинава со индекс девет запирка три се Данска, Шведска и Нов зеланд, а на последното сто и осумдесето место се најде Сомалија со индекс единица.
XS
SM
MD
LG