Достапни линкови

Мислењата на експертите поделени


Неопходни ли и се на Македонија финансиските средства на Меѓународниот монетарен фонд?Мислењата на економските експерти се поделени, откако деновиве првиот финансиер Трајко Славески изјави дека Владата размислува дали ќе склучи нов аранжман со ММФ. Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии е категоричен дека соработката со ММФ засега е неопходна за земјава.

„Да се слушаше она што фондот диктира сигурно ќе бевме во подобра положба. Токму поради тоа што секогаш не сме се придржувале до насоките на фондот, сме имале и слаби резултати во стопанството.“

Постојат повеќе позитивни работи кои произлегуваат од соработката со ММФ, вели проф. Зоран Ивановски. Таа според него е една од институциите на кои им веруваат странските инвеститори.

„Тие ги детерминираат параметрите на буџетската политика, на владината економска полтика, трошењето на буџетот и инсистираат на транспарентност при трошењето на буџетските средства.“

Сепак тој додава дека евентуалниот прекин на таа соработка не треба да се сфаќа трагично, оти препораките на ММФ не се секогаш најдобар рецепт за економскиот развој на една држава.

„Имате земји од типот на Словенија која не ги користела услугите на фондот, а има добри резултати во економијата. Користењето на услугите на фондот е добро за земји како Македонија, кои се осамостоиле и нема експертско искуство за водење буџетски проекти итн. Во овој момент ако оценува владата дека има доволно сопствен капацитет и нема потреба.“

Според Хајредини, пак особено е значајна улогата на ММФ како контролно тело во трошењето на државните пари.

„Корисно е многу за да се држи под контрола владата при трошење на средствата од буџетот во фискалната политика воопшто.“

Економските експерти не ја исклучуваат можноста дека стабилноста и растот на македонската економија може да се постигнат и без аранжман со ММФ, но само доколку економската политика се води на одговорен начин.
XS
SM
MD
LG