Достапни линкови

Трифун Костовски, градоначалник на Скопје. Програмата со која ВМРО ДПМНЕ победи на последните избори е ,,дивоградба”


Господине Костовски, пред да стапите на функцијата, едно од вашите ветувања беше дека ќе го направите Скопје да личи на Виена. Денеска тоа не е така. Кои се причините, зошто не успеавте во ова ваше ветување?

Прашањето за споредба на Скопје со Виена, или сакањето да се приближи она што е виенски начин на живот во Скопје стана една утопија, морам да кажам, од проста причина што немаме ниту основни услови во коишто тоа можеме да го манифестираме. Говорам јас како градоначалник на град Скопје и како една од едниниците на локалната самоуправа. Споредбата меѓу Виена и Скопје можеби се должи на самите навики на граѓаните. Длабоко сум убеден дека ако денеска ги донесете граѓаните на Виена да живеат во Скопје, Скопје после седум дена ќе заличи на Виена, од аспект на хигиена, и од аспект на приод кон живот. А, скопјани да ги преселиме во Виена, после недела дена, ќе заличи Виена на Скопје. Ветив и сакам да го направам Скопје Виена, но објективно за тоа треба да постојат предуслови коишто јас за жал не ги гледам.

Кога велите предуслови, на што поконкретно мислите?

Прво, тука настануваат некои недоразбирања на релација влада – град, односно влада – градоначалник коишто се од суштински карактер. Јас тука немам ништо лично. Факт е дека ние сме далеку од една децентрализација, којашто очекував дека успешно ќе напредува, а со таа децентрализација значи и повеќе ингеренции на локалната власт, не само во ингеренциите туку и во правото да зафати поголем дел од финансискиот колач којшто исклучиво ќе биде наменет за граѓаните. За жал, евидентно е дека актуелната власт прави рецентрализација во којшто општините ги третира повеќе или помалку како единици на централната власт, како едни тела коишто треба да слжуат за потребите на актуените партии коишто во моментов се на власт.

Вашиот однос со централната власт и со оваа владеачка гарнитура факт е дека не е добар. Каде би ја лоцирале причината за несогласувањата?

Јас можам само да кажам од свој аспект. Јас не гледам од личен аспект, на нетрпеливост со актуелната власт, дали бившата или денешната. Туку, причината ја гледам во системот кој е воспоставен и третирањето на локалната самоуправа како независна власт. За жал, оваа влада уште повеќе го рецентрализира и така кревкото децентрализирање коешто започна во 2005 година. Така што, ако погледнете денеска во проектите на владата, што се кажани како Остваруваме во сто чекори, ќе видите дека повеќе од 50 насто тоа се проекти коишто директно ја засегаат локалната самоуправа. Згора на тоа, доаѓаме во ситуација кога дел од тие проекти коишто владата ги има вметнато, во нивната програма и во коишто инсистира од сите партнери да бидат вклучени и да ја прифатат таа програма се вон генералните урбанистички планови. Значи, доаѓаме до еден апсурд, во којшто јас отворено морам да кажам дека самата програма со која ВМРО ДПМНЕ победи на последните избори е дивоградба, бидејќи не одговара на сето тоа што во основа треба да биде предмет на нивна основна дејност. Градот и градските потреби, и градските работи се исклучиво дело на локалната самоуправа и на градот Скопје. А, тоа е друг елемент, што меѓу градот Скопје и општините и тука не е детерминирано јасно што е град Скопје, а што општината. Доаѓаме во ситуација, градот којшто е надлежен за капитални инвестиции од аспект на инфраструктура, магистрални патишра, булевари, ние често пати да бидеме блокирани од општините, поради чисто политички причини не давајќи градежни дозволи, бидејќи без градежна дозвола јас не можам да работам и целиот процес да се закочи се со една основна цел, којашто за мене е многу ниска, да не се покаже успех на актуелниот градоначалник. Да се оквалификува како неспособен, нестручен, да се оквалификува дека ништо не направил. Јас морам да кажам од мое лично име, јас сум задоволен од тоа што го направив. Делувајќи во овие услови. По отчетот за моите четири години, граѓаните ќе имаат навистина чиста слика, и комплетен отчет за сето тоа како секој денар е потрошен и за која цел се средствата искористени.

Со градоначалничката на Центар Аларова влеговте во отворен конфликт околу измената на урбанистичкиот план за малиот ринг, со цел таму да се изгради црква. Какви се генерално вашите односи со другите градоначалници на скопските оптшини?

Видете вака, вие денеска говорите за општина Центар, којашто денеска е претворена во општина Гето од партиската ВМРО ДПМНЕ којашто владее во таа општина. Јас ова го говорам најотворено, без да имам намера некого да навредам. За жал, одамна, госпоѓа Аларова, не е градоначалник, туку управува ВМРО ДПМНЕ, посебно Министерството за транспорт и врски. Според тоа, актуелното работење е многу отежнато иако интересот и на општина Центар и на градот Скопје е идентичен. Не може општина Центар секои два месеци да излегува со нови детални урбанистички планови, посебно кога излегуваат надвор од генералниот урбанистички план. Ние дадовме објаснување пред уставниот суд и анти корупциската комисија, што е тоа што е прекршено во поглед на усвојувањето на деталниот урбанистички план од страна на општина Центар. И сметаме дека час поскоро треба да има изјаснување со цел да се симне една фама бидејќи најмалку е потребно нашите граѓани да ги оптеретуваме и со овој проблем дали ќе се гради Малиот Ринг, во којшто отворено можам да кажам, тоа е вешто имплементирано, ставајќи ја црквата како најсимболичен дел од тој детален урбанистички план, во којшто се протнуваат многу други работи коишто апсолутно немаат место да бидат во тој реон. Затоа велам јас ќе го почитувам законот на град Скопје, за мене генералниот урбанистички план, се додека не е изменет е закон и јас ќе се однесувам и ќе ги штитам законите на град Скопје.

Уште осум месеци ќе ви истече мандатот. Планирате после завршувањето на оваа функција да се активирате политички на друг начин некако?

Не, видете вака, едно е јасно, повторно нема да настапам на локалните избори за функцијата градоначалник на Скопје. Бидејќи сметам дека со ингеренциите што денеска се опишани во законот не ми даваат простор да почувствувам сатисфакција од мојата работа. Лично сметам дека дали понатаму ќе се занимавам, тоа е широко поле. Секако дека ќе останам во општествениот живот, меѓутоа, што кое, како и каде, тоа во моментов не можам да кажам. Прво сум усмерен кон завршувањето на мојот мандат и да дадам отчет на моите граѓани, што сум сторил. Не би сакал, граѓаните повторно да влезат под напливот на остра кампања, што се спроведува подолг период. Нека ги читаат работите, нека ги читаат бројките, делата и после тоа нека судат. За мене, тоа е единствен начин на којшто ние можеме да утврдиме вистински пат за тоа како треба да се движиме.

И за крај, господине Костовски, неколку пати споменавте дека сакате пред крајот на мандатот да дадете отчет пред граѓаните. Вашиот претходник Пенов е запаметен по Плоштадот Македонија, по што мислите дека вие ќе останате запаметен меѓу граѓаните?

Немојте погрешно да ме сфатите, но јас не сум приврзаник на површни работи. За обичниот граѓанин, тоа може да значи дека плоштадот го направи Пенов, но тој е направен со средства од владата. До сега, за мојот мандат јас немам добиено никакви средства од владата, а моите капитални инвестиции, во споредба со инвесетициите што ги имаше во два наврати како градоначалник Пенов, се малтене два пати поголеми, отколку што тој направи. Ако земете булевар Словенечка, клучката кај Континентал која треба скоро да биде пуштена во сообраќај. Транспортниот мост, проширувањето на Гоце Делчев, клучката кај Бит Пазар, којашто деновиве треба да почне да се гради, делот кај Тутунски комбинат којшто треба да зафати од Пролет, до самата раскрсница, тоа се толку капитални инвестиции во коишто не би сакал да се споредувам со ниту еден претходник. Лично за мене сметам дека сум успешен градоначалник, бидејќи го употребив сиот ум, сето искуство што го имам и сметам дека многу придонесов првенствно да ги елиминирам долговите од господинот Пенов, коишто беа во висина од 12 милиони евра. Денеска градот е најреспектабилен партнер, од сите локални единици, па и од владата на Република Македонија, обврските ги плаќа на време, и секогаш за сите проекти е 100% со затворена конструкција. Говорам за еден домаќински однос кон доверените средства и нивното функционално искористување.
XS
SM
MD
LG