Достапни линкови

Експертите ги потенцираат слабостите, власта се фали со добрите резултати


Пратеничката Зумрете Јакупи излезе и храбро јавно го обелодени коруптивниот потфат на кој не подлегнала. Откако случајот го апострофираа медиумите, државните органи најавија дека ќе преземат мерки против овој случај, кој во свеста на една личност која се занимава со политика нема значење на казниво, туку само на морално дело, која ја докажува нејзината лојалност кон матичната партија. Купувањето пратеници е јавна тајна во македонската политика, околу која државните органи, барем за сега, не покажале голем интерес. Од друга страна, корупцијата во политиката ја генерира корупцијата пошироко во државата:

Случајот кој го обелодени Зумрете Јакупи, одново отвора многу суштински прашања, кога станува збор за распространетоста на корупцијата во земјава:

,,Сето тоа сега наеднаш излегува на површина. Од каде на партиите толку многу пари за да можат толку лесно да ги нудат парите за да купуваат пратеници? Значи, кој ги финансира и како? На страна, во какви се облии може да се појави корупцијата во политиката? Значи, ова е би рекла, оној најгенеричкиот, најосновниот облик на корупцијата, да се даде поткуп. Прашањето за влијанијата, при носење на одлуките, носење на закони, при вработувања, при избори и именувања, значи редица работи кои не се до крај уредени, можат наеднаш да се отворат,”

вели Слаѓана Тасева, од невладината Транспарентност Нулта Корупција. Во глобалниот барометар на Транспаренси Интернешнл за 2007 година, политичките партии во оценките од 1 до 5, добија оценка за корумпираност 4,1. Во македонската политика, традиционално се провлекува поткупот, при гласањето и изборните измами, изградба на водоводи и патишта со цел да се влијае на гласачите, вработувања во текот на изборната кампања, ставање државни органи во функција на кампањата, откако во текот на предизборито на предвремените парламентарни избори излезе со укажувања да престанат вработувањата додека траат изборите, или рекламирањето на државните институции, сега се очекува Државната изборна комисија да го објави и извештајот за финансирањето на кампањата. Од податоците, кои ги објави претходно, а ги доби преку Советот за радиодифузија, сумите кои партиите ги имаа потрошено за рекламирање во електронските медиуми повеќе пати го надминуваа дозволеното. Од друга страна, како што посочува Тасева, она што останува сеуште неодговорено, е прашањето како се финансираат политичките партии генерално, зошто таму се создаваат центрите на моќ:

,,Значи, политиката, бизнисот, олигархијата, којашто ги контролира и медиумите и оние што треба да бидат независни институции, не создаваат една состојба на самоодржлив систем на корупција, така го нарековме ние при една наша анализа.”

додава Тасева.

Ариф Нуса од Државната комисија за спречување на корупцијата вели дека до сега тие не вршеле истражувања на изворите од кои се финансираат политичките партии:

,,Немавме некои индиции дека некоја политичка партија во моментов злоупотребила средства или има финансирано од сомнителни извори, забранети со нашиот закон,”

вели Муса.

Кога станува збор за борбата против корупцијата, Македонија има постигнато многу во делот на законодавството. Само во последните години, донесени се многу закони како и измени и дополнувања на постоечките закони, кои овозможуваат ефикасност во справувањето со овој тип криминал. Донесен е законот за спречување на корупцијата, законот за спречување перење пари, измени и дополнувања во кривичниот законик, измени и дополнувања во законот за јавно обвинителство и многу други и во тоа најчесто не лежи проблемот:

,,И кај нас е проблемот и отсекогаш бил не толку во законите, отколку нивната имплементација во пракса,”

вели аналитичарот Џевдед Хајредини.

Едно од последните законски решенија, односно дополнувањето на законот за следење на комуникациите, сепак наидува на критики од страна на стручната јавност. Поголемите овластувања во делот на прислушувањето е нешто што загрижува:

,,Она што многу загрижува се измените на законот за прислушување. И измените на законот за кривичната постапка, коишто овозможуваат примена на специјални истражни мерки на начин којшто сериозно може да значи загрозување на човековите права, и уште повеќе неконтролиран начин,”

вели Тасева.

Органите и телата формирани да помогнат во борбата против современото општествено зло исто така се изложени на критика, дали тие се сосема независни од влијанието на власта:

,,Анти корупциската комисија, во сите состави, и првиот, па и сега воопшто не била составена, со намера и личности, високо стручни, независни, за да ја одиграат таа ограничена улога. Ние гледаме дека и таму има разни компромиси, ако се земат конкретните примери што ги најавуваат. Некогаш не одат на крупните носители на корупцијата, некогаш одат само на некои конференции за печат за да ги оправдаат парите што ги земаат.”

,,Комисијата во овој состав ни од далеку не може да одговори и не одговара на задачата за којашто постои.”

,,Можат да кажуваат што сакаат тие, но реалност е друга, ние воопшто, ама воопшто немаме влијание,”


си реплицираат од една страна Хајредини и Тасева, а од друга страна, Тариф Муса, во име на анти корупциската комисија.

Се чини, најважна е политичката волја, актуелната власт ја искажува во сите свои јавни настапи, а таа беше и една од сферите кои доби позитивна оценка во минатогодишниот извештај на Европската комисија. Во домашната експертска јавност сепак сеуште преовладува мислењето дека политичката волја е само декларативна:

,,Требаат целосни реформи на системот. Ние клучот и единствено нешто на основа околу кое можеме да градиме се понатаму е судството коешто би било независно и би почивало на интегритетот на судиите и на судството како такво. Ако имаме независно судство, тогаш сите наоколу ќе мора да се прилагодат, да ги почитуваат законите и конечно да кажеме дека владее правото,”

вели Тасева.

Во Министерството за правда не се согласуваат со ваквите оценки. Оттаму информираат дека за вакви кривични дела во тек се постапки против 514 лица и дека повеќе од половината од овие дела се веќе пресудени:

,,За прв пат после 17 години се бележи намалување на постојаниот прилив на нови предмети, и не само што се бележи намалување, туку би рекол тоа е и значително намалување и се бележи намалување на заостатокот на нерешените предмети. Тоа се два индикатори коишто говорат дека судските реформи веќе ги даваат конкретните резултати,”

вели министерот за правда Михајло Маневски.

Тргнувајќи од ваквите бројки тој очекува дека ноемврискиот извештај на Европската комисија ќе донесе позитивни оценки за борбата против корупцијата во земјава:

,,Објективно гледано, не се тоа само желби, туку се и очекувања кои се засниваат врз објективни показатели и мислам дека во целина она што се однесува за оценката за судските реформи и оценката за работата на судските органи очекувам позитивни оценки во извештајот на Европската комисија,”

додава Маневски.
За разлика од овие најави, експертите се сомничави:

,,Веројатно после толку време, по тие спектакуларни апсења, немаме многу случаи каде што завршиле до крај постапките, со исклучок на два три, така што јас мислам дека и тоа ќе спласне, тој впечаток на претставниците на ЕУ, за ефикасноста на борбата против корупцијата.”

коментира Хајредини.

Македонија во минатогодишниот барометар на корупцијата на Транспаренси Интернешнл ја подобри перцепцијата на корупцијата за 20 места. Слаѓана Тасева од Транспарентност Нулта Коруцпија нагласува дека станува збор за засилена декларативност на властите, која влијае на перцепцијата, но не и на резултатите:

,,Борбата против корупцијата не се води со спектакуарни апсења и селективни апсења, сеуште немаме ефикасно завршени судски постапки, сеуште немаме конфискации, сеуште немаме луѓе осудени заради економски финансиски криминал и корупција.”

Според барометарот на корупцијата за 2007 година, 44% од Македонците биле принудени да дадат мито за да остварат некое свое право. Во скалата на најкорумпираните се најдоа судството, здравството и образованието:

,,Посебно во сферата на јавните набавки, во образованието е исто така застапена, во судските органи,”

додава според согледуавањата од анти корупциската комисија нејзиниот член Ариф Муса. Соработката од граѓаните сеуште е скромна вели Муса, па преставките кои ги доставуваат до комисијата се најчесето анонимни.
XS
SM
MD
LG