Достапни линкови

logo-print

Пишувањата на медиумите се подготовка на јавноста и притисок врз владата, оценуваат експертите


Неточни се најавите дека Македонија ќе го признае Косово пред почетокот на годишното генерално собрание на Обединетите Нации следната недела. Од македонското министерство за надворешни работи ги отфрлаат како шпекулации информациите во медиумите дека признавањето на Косово ќе се случи во блиска иднина. Од МНР велат дека нема да ги коментираат таквите информации, се додека Владата не го стави ова прашање на дневен ред. Информацииите пак од албанските политички партиисе поинакви. Иако не прогнозираат кога точно тоа ќе се случи, од Демократската Унија за интеграција велат дека има позитивни сигнали дека Македонија наскоро ќе го признае Косово.

„Кога конкретно тоа ќе се случи, дали точно ќе биде на 22 септември, таква најава конкретна нема, но се создава една добра, позитивна атмосфера и мислам дека сите треба да бидеме оптимисти и да очекуваме скорешно признавање на Косово,“

изјави Ермира Мехмети од ДУИ.

И Исмет Рамадани од Партијата за демократски просперитет е оптимист дека признавањето на Косово ќе се случи наскоро. Според него најавите во медиумите се реални и претставуваат индиректен притисок врз Македонија.

„Ситуацијата е доста тешка, меѓутоа сепак ако си во групата на земјите кои денеска одлучуваат за многу работи во светот како САД и ЕУ, каде што ние стремиме да бидеме, тогаш реална е најавата дека деновиве Косово ќе биде признато од Република Македонија.“

Датумите кои во медиумите се споменуваат како можни термини кога Македонија ќе ја признае независноста на Косово, за политичките експерти се еден вид подготовка на јавноста и притисок врз владата да го забрза процесот:

„Што се однесува до пишувањата, тие се во функција на подготовка на јавноста, но и притисок врз владата. Самиот факт дека вице премиерот веќе неколку пати го најави тоа, а само еднаш имало само благ демант, укажува на фактот дека признавањето ќе се случи брзо,“

изјави проф.Хасан Јашари од Штуловиот Универзитет.
XS
SM
MD
LG