Достапни линкови

Србија бара оценка на законитоста на независноста на Косово од меѓународниот суд на правдата


Србија побара, на Генералното Собрание на Обединетите Нации, да биде усвоена резолуција со која ќе се побара од Меѓународниот суд на правдата да ја оцени законитоста на косовската независност. Според властите во Приштина, тоа е уште еден обид на Белград да го забави процесот на признавање на Косово, кој, според нив, е неповратен.

Косовскиот премиер Хашим Тачи смета дека ова се последни потези на властите во Србија да се оправдаат пред домашната јавност за независноста на Косово.

„Србија ги прави последните напори за да се оправда пред домашната јавност. Србија знае дека Косово е суверена и независна држава која ја признаа 46 демократски земји, меѓу нив и најзначајните светски сили.“

Тачи додаде дека процесот на признавање на Косово може да оди само напред, а никако назад, што е интенција на Србија.

„Србија треба да мисли како да ја олесни меѓу-соседската и меѓу-државна комуникација за, обострано, да си ја олесниме работата за интегрирање во Европската Унија и НАТО, а не да си поставуваме пречки.“

И претседателот на Собранието на Косово Јакуп Красниќи смета дека ова е уште една иницијатива на Србија да се забави процесот на признавање на Косово како независна и суверена држава. Тој додаде дека претставниците на Косово се убедени дека и доколку ова прашање се најде пред Меѓународниот суд на правдата, нема да биде донесена одлука против политичката волја на граѓаните на Косово.

„Ние веруваме дека Меѓународниот суд нема да донесе одлука против волјата на народот на Косово, бидејки, целокупната политичка активност што е водена на Косово, од прогласувањето на независноста, е водена во согласност со меѓународното право.“

Красниќи додава дека доколку некој со децении работеше и дејствуваше против меѓународното право, тоа беше режимот во Белград и изрази убеденост дека Меѓународниот суд ќе им даде соодветен одговор.
XS
SM
MD
LG