Достапни линкови

На победа против Португалија и Естонија, ветуваат репрезентативците


Македонија е пред вратите на кошаркарското ЕП кое по 12 месеци ќе се одржи во Полска. Иако стартувавме со пораз, серијата од три победи не искачи на првото место во групата „Б“ и на две кола пред крајот на квалификациите сме во најповолна ситуација за пат на ЕП. Цел која ни ја гарантираат две победи и првото место, но најверојатно и само еден триумф, имајќи предвид дека според состојбата во другите групи, со четири победи ќе сме меѓу најдобрите втори селекции, кои исто така одат на Еуро, каде за прв и последен пат бевме пред девет години во Франција.

Предолга пауза, предизвикана од разни причини, но, барем кога е во прашање последното ЕП, најмногу по наша вина. За потсетување, пред две години бевме во иста ситуација, но во последните две кола загубивме од БиХ и Израел, кој минимално не совлада и лани во баражот за пат во Шпанија. Болно искуство, кое сите уверуваат дека нема да се повтори, што ќе се види уште вечерва во португалскиот Куимбре

„Овие играчи се многу посозреани од лани и се надевам дека нема да ја направиме истата грешка и дека ќе направиме историски успех за нас, што мислам дека оваа генерација го заслужува. На гостински терен секогаш играме малку послабо, мислам дека и тоа го поправивме, и мислам дека тоа ќе го покажеме и во Португалија, да не оставаме во последниот натпревар,“

вели капитенот Врбица Стефанов.

Слично размислува и Тодор Гечевски, според кого оваа шанса нема да ја пропуштиме и поради тоа што ако кикснеме во Португалија, в сабота дома имаме втора меч топка.

„Треба да го докажеме тоа на терен, дека сме подобри, да одиграме машки натпревар, тие играат агресивна одбрана 40 минути. Но, и со пораз во Португалија, ќе имаме уште една меч топка, против Естонија дома и мислам дека нема тоа да го испуштиме,“

изјави Гечевски, додека за Предраг Самарџиски, овој состав нема потреба од калкулации:

„Не да калкулираме една победа во два натпревари, туку две победи на двата натпревари и да бидеме сигурни. Мислам дека оваа репрезентација ја има можноста и силата да биде прва во групата,“

оптимист е Самарџиски, исто како и љубителите на спортот.

„Треба да победиме и сакам да победиме.“
„Добри се момците, играат супер, ичекувам две победи и влез во првите шест на ЕП.“
XS
SM
MD
LG